Dear,
По пет дена поминати во Виена, се враќам со ентузијазам, три килограми повеќе, Линдт чоколади и ликер.
Во меѓувреме, во Скопје се отвора продавница за истите тие Линдт чоколади, луѓето се во лудило предизборно, студи и сонцето грее најсилно.
Нема, нема како дома. Виена е систематизирана, прекрасна. Луѓето живеат и уживаат верувам. Но, овде исто така треба луѓето да живеат и уживаат. Скопје е мојот дом, Македонија е наша обврска. Не сакам да исчезнеме. Сум учела јазик, дедовци и баби се бореле да го зачуваат семејното стебло и живот овде, и тукутака да се откаже човек од тоа? Не се работи ни за патриотизам, ни за шизофренија - за основната слобода да се биде човек се работи. Човек кој може да пишува сликовници за деца, да студира без да му капе од покривот. Да оди на лекар без да се тресе дали ќе го умрат или е веќе умрен.Да си го каже мислењето кога нешто не чини, ама и да каже кога нештото чини и да поттикне развој.
Да не се лажеме - отидовме у бестрага одамна, ама нештата нема сами од себеси да се решат. Светот е во нас и може да му дадеме простор за да гукне, а не да го задушуваме во зло и гадост. Ќе умрат сите оние тела желни за профит и полтронство. Свечено изјавувам дека никогаш нема да паднам во таа замка. Сакам да умрам свесна дека сум направила нешто за себе и другите.
Со Астални проекции, 25 месеци еден куп прекрасни луѓе ни даваат од својата уметност и умешност. Ги собираме како дома. Се собираме околу јазикот како огниште. Голема работа! ќе рече некој зајадливо. Но, за мене е. Тоа што го имаш вишок, давај го.
Со ретвитни оброк, по година ипол, има зрак надеж во осветувањето дека фрламе храна џабе, дека имаме гладни сограѓани кои копаат во контејнери и освен ѓубрето што го јадат, и достоинството си го голтаат. Сите тие се нечии соседи, пријатели, познаници. Сите тие се луѓе од крв и месо што умираат околу нас од глад, а храна има до претрупување! Затоа - сподели малку, за да направиш многу.
Овие два пункта за мене се надеж, желба и верба.
Промената почнува од нас, внатре. И отворените очи пред сите искасапени дрвја, затворени бизниси, измачкани улици со крв и соучесништво.
Ние сме виновни, ама може да се оправиме. Во спротивно, секој може да стане граѓанин било каде во светот и да нема дом. Да нема каде да му е топло и да плаче и пцуе на својот јазик. И со тоа да исчезнеме како диносаурусите, што би рекол Георги Господинов.
Не сакам да исчезнеме. Сакам тука да родам бебе и да го шетам во Парк.
Имав уште многу што да напишам, ама ќе се расплачам, па затоа само посакувам благодет и убав ден секому.
М.