http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=1902&stID=5203
ВИНИЦА ПО ТРАГИЧНИОТ НАСТАН
Налог за притворна 14 "тигри"
Групата млади од Виница, кои ноќта меѓу неделата и понеделникот беа претепани од припадници на полициските специјалци "тигри", го предизвикале инцидентот еден ден претходно, кога физички нападнале припадник на "тигрите", тврдат жители на Виница, кои од разбирливи причини сакаа да останат анонимни. Според нив, еден од полициските специјалци бил сам излезен во саботата навечер во кафулињата во Виница. Групата млади виничани цела вечер го провоцирале и го мавале со празни лименки. Тој ги игнорирал провокациите. Револтирани од мирното однесување на полицаецот, насилниците му удриле неколку шлаканици, а еден од нив го удрил со лакот во лицето и му ја распукнал аркадата.
Потоа припадникот на "тигрите" си заминал. Кога се вратил во единицата, им објаснил на своите колеги што се случило.
Следниот ден дваесетина припадници на "тигрите" дошле од планината Голак во Виница за да им се реваншираат на насилниците.
- Момчето што младите виничани го тепаа беше мирно. Цела вечер тие го провоцираа, но тоа ги игнорираше. Го маваа со празни лименки, го туркаа и му се обраќаа со секакви погрдни зборови и пцости. На крајот, револтирани што тој не им обрнува внимание, 4-5 лица го фатија за рацете и почнаа да го удираат со шлаканици. Еден од насилниците го удри силно со лакотот во пределот на окото. Потоа го пуштија да си замине. Таа група момчиња од Виница веќе подолго време ги тероризираат жителите на овој град. Тие работат како обезбедување низ локалните кафулиња и дискотеки и секоја ноќ ги нарушуваат јавниот ред и мир низ градот. Не знам зошто, но полицијата не реагира на нивното насилство. Навистина жалам што целиов случај заврши вака трагично и што однесе еден млад живот. Случајот нема никаква политичка заднина како што некои медиуми тоа сакаа да го подметнат - изјави жител на Виница.
Основното јавно обвинителство во Кочани вчера поднело барање за спроведување истрага и предлог за одредување мерка притвор против 14 припадници на специјалната полиција "Тигри", осомничени дека во понеделникот сториле дело тешка телесна повреда квалификувана со смрт. Како што информираше кочанското обвинителство, Велче Стојановски, Ѓорѓи Манев, Ацо Ѓорѓиев, Христијан Коцев, Златко Богоев, Јоцо Андов, Зоран Трифуновски, Александар Митев, Никола Васовски, Славчо Неделковски, Горан Максимовски, Оливер Митевски, Горан Згонц и Родие Зарев, сите припадници на полициските специјалци "тигри", се осомничени дека во тепачка во кафулињата "Кул" и "Ла Коста" во Виница им нанеле тешки телесни повреди на лицата Гоце Николов, Сашко Ѓорѓиев, Далибор Лазаров и Здравко Андов, додека Алберто Стојчев починал од добиените повреди.
Како што веќе информиравме, во ноќта меѓу неделата и понеделникот, едно момче почина, три беа тешко, а 12 лесно повредени во масовна тепачка во две винички кафулиња. Животот го изгуби Алберто Стојчев (21), а Здравко Арсов, Далибор Лазаров и Сашко Ѓорѓиев се на интензивна нега во Скопскиот клинички центар.
Општината Виница вчера преку соопштение до јавноста го осуди однесувањето на дел од единицата за специјални задачи "Тигри". Во соопштението се вели дека градоначалникот на Виница и локалната самоуправа го осудуваат вандалското однесување на полициските специјалци. Осуда за инцидентот даде и Народното движење за Македонија, кое бара надлежните државни органи да се ослободат од партиските стеги и да ја извршуваат својата уставна и законска функција.