Само во „Јане Сандански“ поразот се слави како победа
Останати вести
Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Ретко виден феномен и тоа во светски рамки се случува во последно време во македонската кошарка, поточно во салата „Јане Сандански“. Само на ова место, поразот се слави како победа и тоа во финалето на некое значајно натпреварување
Ретко виден феномен и тоа во светски рамки се случува во последно време во македонската кошарка, поточно во салата „Јане Сандански“. Само на ова место, поразот се слави како победа и тоа во финалето на некое значајно натпреварување.
Навивачите на МЗТ Скопје со недели наназад во текот на целиот меч пеат и им скандираат на своите миленици, кои најчесто ги губат средбите. Така беше и минатата недела, кога „металците“ загубија од Вардар Осигурување (71-85), но тоа не беше пречка неколкуте стотина следбеници на сино-белата боја дури половина час по завршувањето од средбата да ги пеат своите песни и да ги скандираат имињата на своите миленици, но и на своите противници. Припадниците на навивачката група „Фемили“ по мечот дури почнаа да го користат озвучувањето во салата, се спуштија од трибините на паркетот каде што ја продолжија својата навивачка журка. Во салата останаа и многу постари, пред сé неутрални љубителите на кошарката изненадени од новиот навивачки тренд - поразот да се слави како да е најголема победа.
- Па децата платиле по 50 денари и изгледа максимално сакаат да го наплатат тоа со добивање простор за забава. Вакво нешто досега се нема случено никаде, да се пее половина час после убедлив пораз на твојот тим - беа коментарите на повозрасните што се најдоа во салата „Јане Сандански“.
Дел од неутралните навивачи дури и дадоа предлог, секако на шега, како управата на МЗТ да дојде до одредена сума пари.
- Ако се паметни, овие од МЗТ нека го закажат последниот годинешен меч на 31 декември со вклучена прослава на Новата година и нека продаваат билети по на пример 500-600 денари. Така сите би биле задоволни. Ем навивачите би имале простор за солидна журка, каква што прават последниве недели, ем клубот ќе добие солиден приход - беше коментарот на навивачите.
Колку да беше симпатично френетичното навивање на вљубениците во МЗТ во текот на сите 40 минути, сепак, мора да се напомене нивното константно, претежно вулгарно, навредување на центарот на Вардар О., Тони Симиќ, кој на крајот на мечот за малку ќе добиеше и пластично шише по глава. Сето тоа, гледа отстрана, изгледаше крајно невкусно уште повеќе ако се напомене дека освен Симиќ, ни криви ни должни, беа навредувани и членови на неговото семејство.