Караколев "надвор" само со отштета!
Никола Караколев ќе може да си замине од екипата на МЗТ Скопје само доколку тој, лично, или клубот што сака да го ангажира ќе платат соодветна отштета за неговите услуги.
Неофицијално, ова е ставот на клубот од "Јане Сандански" по повод с$ поизразената желба на младинскиот репрезентативец во иднина да не го носи дресот на МЗТ Скопје.
Како што е познато, тој веќе поднесе барање за предвремен раскин на договорот со "сино-белите" од Аеродром. Барање кое Регистрациската комисија на КФМ го отфрли како неосновано и го упати Караколев да се жали пред Арбитражната комисија на КФМ.
Во меѓувреме Караколев потврди дека уште во текот на овој преоден рок сака да "се пресели" во екипата на Фершпед Работнички. Тој дури месец дена е активен на тренинзите на "шпедитерите", што само ја докомплицира и онака замрсената ситуација со негов евентуален "излез" од МЗТ Скопје.
Со таа одлука младиот кошаркар го навлече и гневот на навивачите на МЗТ Скопје, кои на последните натпревари истакуваа и пароли со заканувачка содржина кон Караколев.
Затоа и се чини дека единствена опција во овој момент е Караколев да си "ја плати" својата "слобода". Односно за предвремен раскин на договорот со клубот во кој ја стекнал афирмацијата, а кој истекнува(л) за две години да постигне "согласност" со МЗТ Скопје, кој има свои "аргументи", т.е. документацијата од Регистрациската комисија на КФМ.
www.sport.com.mk