„Оправдување? Нема!
Грозно? – Да.
Одвратно ? - Да.
Е да, ама илјада и кусур години е така.
Исто како што немало оправдување кога ги пикале во затвор пред пеес години дедовците зашто се маскирале! Простено!
Исто како што се соочувале со тивки репресии сите кои се дрзнале да се маскираат во владелот (кој и да е тоа време) во време кога ретко кој смеел да писне. Простено!
Исто како што прв пат употребиле електричен пендрек во Вевчани на мајка со шест месечно бебе! Простено!
(да не одам натака ... ме боли душава од “човечност“. )
Во право сте да ви се гади.
Им се гади и на нашите мајки и сестри и оние со поплиток стомак кога не гледаале низ годините, кога не гледаат грозни и одвратни – никој не го запрел тоа, не можел, не знаел како...
Никогаш – никој!
Да, може сме пагани.
Два дена сме одвратни, останатите тристашеесет и четири дена сме луѓе.
Секој маалце попаметен знае дека тоа нема врска ни со карневал нит со стара нова година (православна молимти се!) нит со Свети Василиј. Туку дека е остаток од баханалија, од дионизијада, од архаичен обичај.
Чинот на раскинување на тела од животни е метафоричен и се вика „спарагмос“.
Чинот на гризење сурово месо – „омофагија“
Чинот на прочистување преку страв и жал – катарза.
Чинот на неразумна радост – екстаза.
Коментарите колку се наеднаш сите згрозени од веќе мртви животни кои ги имало отсекогаш и ви биле пред очи со години – хипокризија.
Koментарите од Европјаните меѓу нас дека вака во Европа не бива ве поздравија Нордијците со крвави раце од фоки и делфини.
Здруженијата кои реагираат на сето тоа – должност и кауза.
Дај боже до година да нема еден пердув од претходно мртва кокошка (во што се соменавам!) сите ќе сме кокичиња.
Ќе нема исмевање со никого!
Ќе се пазиме од се!
Ќе сме политички и етички коректни!
Повиците да се пикнат неколкумина луѓе во затвор заради веќе мртви животни, да се запали и казни цело Вевчани и кол да ни се напика онаму, а после прво мајките ај да не велам што - па после сестрите за десерт, догодина министерката и градоначалникот исто така (најчесто од оние кои се од едната страна), дека со многу пари од комунистите е воскреснат овој сатанистички обичај во `80 оние „познавачите“ - од другата страна. Е тоа сте вие... да ми извините!
Тоа сте вие! Без енормни тони на алкохол. Со чиста и мисла и посабајлечки, фино и поштено.
Со „слободна мисла“ , христијани, богоугодни, политички коректни... Ние се преправаме во страшила, во ѓаволи, во курви, во политичари, во нацисти, во христијани, во муслимани, во будисти, се ругаме и меѓу себе, со живи луѓе... што било – само лошото да излезе! Само другите денови да сме луѓе!
За крај една приказна која нигде не ја пишува пошто не се ни знае многу многу ...изумира – како што изумираат старите во Вевчани (и ја ја имам чуено од еден таков – Бог да му душа прости!), како што умираат многу работи, како што умираат и скапуваат и многу млади во оваа иста земја каде и кокошките и слободата скапуваат.
„Пред илјада години години живеел некој Васиљ. Најличен бил и најубав од сите. Ја засакал најубата најличната. Кратко се милувале. Заминал да печали по светот. Спечалил богатство.
После години се враќал со другарите од џенем, од крај света да прави свадба. Пресреќни сите.
На патот му се случило несреќа. Лицето и телото си ги унаказал. Го продолжиле патот и како се приближувале така му се унакажувала и душата на Васиља. Пред да влезат им рекол отепај те ме. Отепај те ме овде ја во селово не влегувам ! Како ќе ја погледам?! Како ме сака? Нема да ми ја дадат! Не можам!
Ноќта сите мажи преправиле во накази, нагрнале одрани кожи, ги поцрнале лицата, да не се познааат и да не делат од Васиља. Ама најубавата го познала и го гушнала пак него oд цела поворка. Ги венчале на полноќ. На полноќој одела невестата на вода. И ден денеска најгрозните маски – ѓаволите, Злото ги чува зетот и невестата, да не им се случи нешто, да не ги разделат.
Од што ги чува Злото?! Од луѓе ги чува! Од луѓе! Од оние добри луѓе кои ги научил некој од небото како се кова метал и како се струга дрвото за после тие синот да му го распнат.
За крај пак да повториме:
Оправдување? Нема!
Грозно? – Да.
Одвратно ? - Да.
E па илјада и кусур години било така!
Ви се гади?
И мене ми се гади. Ама ми се гадело многу повеќе во многу обични денови колку луѓе пред очи - живи ни закопале, а со прст не сме мрднале.
Сите ние!
Сите ние!
Ќе ми се гади уште повеќе ако успеете да стрпате во затвор василичари за веќе мртви животни.
Од кого ги чуваат Ѓаволите и Злото Невестата и Зетот? – од луѓе, од тивки обични луѓе!
За многу години – догодина порадосни и повесели!
П.С: Можев да премолчам, да. Можев за многу работи во животот полесно да поминувам ако го немав „она“ , ама ќе немав душа и образ да им запалам свеќа на дедовците на гробишта. Тоа - никогаш... па макар на кол и јас!“
Знаете од кого е текстов, не е мој...