Русите се први на листата државјани на земји надвор од Европската унија кои добиваат бугарско државјанство, соопшти вчера европската агенција за статистика Евростат, презентирајќи податоци за 2012 година. Според податоците на Евростат, во 2012 година Бугарија им доделила државјанства на повеќе од 17.000 странци, од кои една четвртина биле Руси. Македонците се втори на листата со 16 отсто добиени државјанства, околу 14 отсто биле државјани на Молдавија а 12 отсто Украинци.
Бугарското министерство за правда на почетокот на годинава објави дека од 2001 година до почетокот на годинава околу 51.000 македонски државјанин добил и бугарско државјанство.
Според министерството, од вкупно 4.578 лица, кои добиле бугарско државјанство во првите девет месеци од оваа година, 1.720 се Македонци. Минатата година, пак, 4.852 Македонци обезбедиле бугарско државјанство од вкупно издадените 7.701 уверение, покажуваат податоците на Министерството за правда на Бугарија.
Веднаш зад Македонците се граѓаните на Молдавија, кои лани добиле 1.613, а годинава 1.063 државјанства. Потоа следуваат Украинците (лани 182, годинава 797 лица) и Србите со бројка од 186 лица минатата година и 273 годинава.
Во бугарското Министерство за правда во првите девет месеци од 2014 година се заведени над 10.000 барања за бугарско државјанство, во споредба со целата ланска година кога нивниот број изнесувал 17.512.
Истовремено, заштита во Бугарија годинава побарале 4.139 Сиријци, 1.465 Авганистанци, 258 Ирачани, 146 Алжирци и 209 лица без државјанство.
Според Евростат, во текот на 2012 година вкупно 818. 000 странци добиле државјанство на земја од ЕУ, што покажува раст од четири проценти во однос на 2011 година.
Најмногубројни меѓу нив биле граѓани од Мароко, Турција, Индија и Еквадор.
Меѓу државјаните на ЕУ, кои добиле жителство во друга држава од Заедницата, најмногубројни биле Романците, Полјаците и Италијанците.
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=AA366A07D38093429622C36D3DAF1559