Која е македонската пејачка која "плива" во злато ?
03.11.2014 | 11:00
Извор: Точка
Прочитано: 2466 пати
Испрати на пријател
Зголеми го фонтот
Намали го фонтот
Актуелна по спотот за песната Намбареја, оваа македонска пејачка никого не остава рамнодушен. Позитивна и своја, музички образована и талентирана, Сара Мејс е уметник од светски размери. Само за овој едиторијал на Точка, ја гледате Сара во филмско и најуникатно издание до сега, позирајќи пред фото- објективот на Владимир Георгиев.
“Сакам да се сликам кога сликањето има цел и приказна (не зборуваме за сликање-извештај за фејсбук), обожавам да сум пред камера, бидејќи ако не го сакам тоа тогаш оваа професија не е за мене. Ако ја сакаш камерата и мислам дека и таа ќе те сака тебе, ова за муабетот „те сака или не те сака камера“.
"За голотијата пред камера немам некое особено мислење. Кој како сака, така да си прави. Ако некој сака да се слика гол-да се слика, ако некој не сака - нека не се слика.”
“За мојот нов спот за песната Намбареја ќе кажам дека пред се ја следев онаа емоција од која се роди песната. Што си побара песната, тоа и се даде. Се` во служба на песната. На некој начин во случајов тоа беше танц на емоции, танц на страсти. Нормално дека имаше и добри и лоши критики и мислам дека секогаш е подобро кога на вагата ќе потежне добрата страна и затоа сум задоволна.”
“Често реагирам интуитивно. Верувам на чувството кое ми доаѓа во прв момент, верувам на она што ме води природно внатре од душата.”
“Уште од самиот почеток знаев дека главниот и единствен машки лик во спотот ќе му припадне на Мишо. Имавме некои дилеми со Горила Продукција и со Васко дали треба да биде Мишо поради тоа што Васко сакаше некој искусен модел пред камери, но Мишо е искусен танчер и човек кој лесно влегува во карактерот на улогата, а мислам дека току тоа и ни требаше. На крајот на краиштата мислам дека добро се заврши се.”
“Со Горила Продукција стануваме едно големо семејство. Тука се и модното студио Фран и Студио Алур кои што секогаш се грижат за мојот изглед. Морам да си го пофалам мојот тим кој неизмерно го сакам и почитувам, затоа што кога се презентира некој проект тоа е благодарение на целиот тим. Се има и планови за 2015, се вари музика нова, полека, на тивка температура. Мислам дека подготвуваме многу вкусна манџа.”
“Цимерките не се повеќе цимерки, туку се повеќе како сестри, Ива е дел од мојата фамилија. Намбареја е заедничко чедо, си соработуваме, не сме престанале да се дужиме и да си правиме музика. Тргнавме по различни патишта, соработуваме и може да се случи некој проект наречен Цимерките”
“Се грижам за себе и своето тело. Го посетувам Магнус фитнес центарот и мојот тренер ме советува што и како да вежбам и јадам. Не дека секогаш сум послушна, но кога можам се трудам. Сакам да се грижам за мојот изглед и сакам да бидам принципиелна.”
“Студирав во Бугарија поради професорката Малина Христова, затоа што таа е една од најдобрите професорки харфистки на Балканот. Сега е веќе во пензија, има 78 години и ми беше како втора мајка за време на мојот престој таму. Постдипломските студии ми се на пауза после Врне Врне, но тоа не значи дека засекогаш ќе се откажам од моите мастер студии. Нема да престанам никогаш да учам и да се надоградувам.”
“Ми се има случено се налутам или скарам со некого по телефон и по 5 минути да почне да врне силно, па да ми се јават да ми кажат дека ако сме се скарале не мора да го поплавувам цело Скопје. Инаку, би сакала и Намбареја да има слична моќ и да дејствува онолку добро како Врне Врне.
![Насмевка :) :)](/styles/default/xenforo/smilies/smile.png)
”
“Јас сум многу среќна личност затоа што имам вистински пријатели, иако ретко се наоѓаат. Верувам во човештвото, верувам во луѓето и нивните аури и мене ми е доволно да почувствувам позитивни вибрации за да поверувам дека некој ми е пријател. Има многу луѓе што ги сакам, што ме сакаат и што сум тука за нив. Имам прекрасно семејство и две кучиња што безусловно ме сакаат. Се занимавам со музика и тоа е тој свет во кој јас припаѓам.”
“Имам слики од кога сум била бебе со едно папагалче како се лепи до мене, така што имам скоро цела фотосесија со папагалчето. Уште од малечка сум сакала да се сликам со филм во главата.”
“Најскапоценото нешто кое што го имате неограничено и никој не може да Ви го земе е насмевката. Смејте се цело време. Бидете среќни. Затоа што доброто привлекува добро.”
Фотографија: Владимир Георгиев
Автор: Марија Главчева
Шминка и фризура: Фросина Ангеловска - ФРАН
Изработено за Tocka.com.mk
http://tocka.com.mk/4/141544/koja-e-makedonskata-pejacka-koja-pliva-vo-zlato