1 Ова е словото што му дојде на Еремија од Господа:
2 „Застани пред вратата на Господовиот Дом, разгласи го таму оваа слово. Речи: ‘Чујте го Господовиот збор, сите Јудејци, кои влегувате низ оваа врата за да Му се поклоните на Господа.’”
3 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Поправете ги своите патишта и своите дела, па Јас ќе престојувам со вас на ова место.
4 Не надевајте се на лажните зборови: ‘Господово светилиште! Господово светилиште! Господово светилиште!’
5 Но ако навистина ги поправите своите патишта и своите дела, и ако навистина ќе правите што е право, секој кон својот ближен,
6 ако не ги угнетувате странецот, сирачињата и вдовиците и ако не пролевате невина крв на ова место, ако не трчате по туѓи богови за своја несреќа -
7 ќе престојувам со вас на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци засекогаш.
8 Ама вие се надевате во лажни и неполезни зборови!
9 Зар да крадете, да убивате, да правите прељуба, да се заколнувате криво, да му палите темјан на Ваал и да трчате по туѓи богови што не ги познавате,
10 а тогаш да доаѓате и да стоите пред Мене во овој Дом, што го носи Моето Име и да зборувате: ‘Спасени сме!’ и потоа пак да правите зло и нечесности?
11 Зар овој Дом, што се вика со Моето Име, е во вашите очи разбојничка пештера? Но Јас гледам добро - говори Господ.
12 И така, појдете во Моето место, што е во Сило, каде што некогаш го настанив Своето Име, и погледајте што направив од него заради беззаконијата на Својот Израелски народ.
13 Бидејќи ги правите сите оние исти недела - слово е Господово - и ако ве опоменувам неуморно, вие не слушате, а кога ве повикувам, вие не се одѕвивате:
14 од овој Дом, што се вика со Моето Име, во кое се надевате вие, и од ова место што ви го дадов вам и на вашите татковци, ќе направам исто што направив и од Сило.
15 Ќе ве отфрлам од Своето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, сето Ефремово потомство.
16 А ти не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам.
17 Не гледаш ли што прават по јудејските градови и по ерусалимските улици?
18 Децата собираат дрва, татковците запалуваат оган, жените месат тесто за да и испечат колачиња на ‘царицата на небото’ и им леат налевници на други богови за да Ме похулат.
19 Зар Мене Ме хулат со тоа - Господов збор е - а не себеси за свој срам?”