1 Ова е словото што му дојде на Еремија од Господа:  
  2   „Застани пред вратата на Господовиот Дом, разгласи го таму оваа слово.  Речи: ‘Чујте го Господовиот збор, сите Јудејци, кои влегувате низ оваа  врата за да Му се поклоните на Господа.’”  
  3   Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Поправете ги  своите патишта и своите дела, па Јас ќе престојувам со вас на ова место.   
  4  Не надевајте се на лажните зборови: ‘Господово светилиште! Господово светилиште! Господово светилиште!’  
  5  Но ако навистина ги поправите своите патишта и своите дела, и ако навистина ќе правите што е право, секој кон својот ближен,  
  6   ако не ги угнетувате странецот, сирачињата и вдовиците и ако не  пролевате невина крв на ова место, ако не трчате по туѓи богови за своја  несреќа -  
  7  ќе престојувам со вас на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци засекогаш. 
  8  Ама вие се надевате во лажни и неполезни зборови!  
  9   Зар да крадете, да убивате, да правите прељуба, да се заколнувате  криво, да му палите темјан на Ваал и да трчате по туѓи богови што не ги  познавате,  
10   а тогаш да доаѓате и да стоите пред Мене во овој Дом, што го носи  Моето Име и да зборувате: ‘Спасени сме!’ и потоа пак да правите зло и  нечесности?  
11  Зар овој Дом, што се вика со Моето Име, е во вашите очи разбојничка пештера? Но Јас гледам добро - говори Господ. 
12   И така, појдете во Моето место, што е во Сило, каде што некогаш го  настанив Своето Име, и погледајте што направив од него заради  беззаконијата на Својот Израелски народ.  
13   Бидејќи ги правите сите оние исти недела - слово е Господово - и ако  ве опоменувам неуморно, вие не слушате, а кога ве повикувам, вие не се  одѕвивате:  
14   од овој Дом, што се вика со Моето Име, во кое се надевате вие, и од  ова место што ви го дадов вам и на вашите татковци, ќе направам исто што  направив и од Сило.  
15  Ќе ве отфрлам од Своето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, сето Ефремово потомство. 
16  А ти не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам.  
17  Не гледаш ли што прават по јудејските градови и по ерусалимските улици?  
18   Децата собираат дрва, татковците запалуваат оган, жените месат тесто  за да и испечат колачиња на ‘царицата на небото’ и им леат налевници на  други богови за да Ме похулат.  
19  Зар Мене Ме хулат со тоа - Господов збор е - а не себеси за свој срам?”