- Член од
- 5 јануари 2008
- Мислења
- 532
- Поени од реакции
- 614

Ингмар Бергман е несомнено едно од најголемите режисерски имиња во филмската индустрија коe има извршено најголемо влијание како врз неговите колеги современици, така и врз поновите режисери кои веќе имаат оставено зад себе култни (а некои од нив и наградувани со престижни награди) филмови. Андреј Тарковски има кажано дека според него постојат два великани - Роберт Бресон и Ингмар Бергман. Влијанието врз Тарковски посебно се забележува во последниот негов филм „Жртва“ каде главниот лик го глуми еден од омилените актери на Бергман, Екланд Јозефсон. Филмот е сниман во Шведска со речиси истата екипа со која работел и Бергман.
Вуди Ален го смета за „најверојатно најголемиот филмски режисер“, Кишловски го ставил на рамниште со Ками и Достоевски. Во суперлатив за него зборел и Кјубрик.
За Бергман не може да се каже дека некогаш западнал во период на креативна криза, доказ за тоа е неговата (хипер)продукција на филмови (исто така и на театарски претстави) и неповторливоста во одработените тематики. Или подобро кажано, неповторливоста се согледува во различниот начин на согледување, претставување и анализирање на проблемот, макар и претходно да бил поставен во некој друг филм. Така, ненамерно ја има составено религиозната трилогија: „Tишина (Silence)“, „Низ стакло темно (Тhrough A Glass Darkly)“ и „Зимска светлина (Winter Light)“ каде од различен аспект го прикажува Божјото присуство, т.е. отсуство. Поради овие филмови филмските критичари го дефинираат оксиморонски како религиозен атеист.
Бергман во центарот на своите филмови ги поставува и: војната и нејзината апсурдност, машко – женските односи, лудилото, егоизмот и вообразеноста, смислата на животот, мајчината љубов, влијанието на минатото врз човекот...
Филм кој му има донесено светска слава, а и денес се смета за филм по кој сите го знаат, е „Седмиот печат (Тhe Seventh Seal)“. Прва асоцијација за филмот е култната сцена каде Антониус Блок и Смртта играат шах, и орото на Смртта. Бергман за овој филм добил инспирација гледајќи го мозаикот на некоја стара христијанска црква.
Доста познат е и со „Диви јагоди (Wild Strawberries)“ за кој има одбиено номинација за Оскар за најдобар филм од странско-говорно подрачје (писмото со одбивање) и „Персона (Persona)“ после кој Лив Улман, неговата муза, станува една од најценетите и најангажирани актерки. Сепак Академијата доста добро ги прифаќа неговите филмови и покрај бројните номинации за различни категории има земено три оскари за најдобар странски филм: „Девствен извор (Virgin Spring)“, „Фани и Александар (Fanny and Alexander)“ и „Низ стакло темно (Тhrough a Glass Darkly)“.
Други негови филмови кои се вредни се спомнување се: „Плачења и шепотења (Cries and Whispers)“, „Лице во лице (Face to Face)“, „Волчји час (Hour of the Wolf)“, „Есенска соната (Аutumn Sonata)“, „Срам (Shame)“, „Окото на ѓаволот (Тhe Devil's Eye), „Страдањeтo на Ана (The Passion of Anna)“, „Сцени од бракот (Scenes From a Marriage)“ и други.
Бергман сигурно заслужува посебна тема и сигурно остава доволен простор за дискусија.
Во прилог за заинтересираните, интересно интервју: