На католични Божиќ оваа година, после поминати 59 години од неговата смрт, Алан Тјуринг доби посхумно помилување од кралицата Елизабета 2, со што од неговото досие е симнат единствениот случај поради кој беше осуден - фактот дека е хомосексуалец. Во 1952 година Тјуринг беше осуден поради неговата хомосексуална врска со 19 годишно момче. Од двете алтернативи кои ги нудела државата за ваков криминал, лежење робија или хемиска кастрација, Тјуринг се одлучува да прифати хормонална терапија. Но, истовремено укинато му е осигурувањето и спречен е да продолжи со работните активности кои предходно ги имал. Поради преголем притисок и последици од терапијата, на 7 јуни 1954 година си го одзема животот на еден симболичен начин што потсетува на приказната за Снежана: умира како последица на одгризок од јаболко исполнето со цијанид. Од тој момент, па се до 70-тите години, Обединетото Кралство зборува умерено за Тјуринг и на некој начин го затскрива неговиот целокупен допринос.
Помилувањето, што според новите закони на Обединетото Кралство во овој случај е извинување кон Тјуринг, доаѓа премногу доцна. Алан Тјуринг е еден од најважните ликови на минатиот век, но за него малку читаме и малку знаеме. Татко е на денешната компјутерска наука во форматот кој го знаеме. Ги поставил принципите на модерниот компјутерски систем кој до денес во својата основа ја содржи Тјуринговата идеја. Исто така, важен е неговот допринос кон дешифрирање на криптираните пораки на германската морнарица во текот на Втората Светска Војна. Факт кој има голем ефект врз успехот на сојузниците.