Поранешната ракометарка на Кометал ќе биде нов спортски директор на женскиот првак
ЖРК Вардар СЦБТ можеби има дрим-тим кој конкурира за круната во Лигата на шампионите, но никогаш нема штета од нови засилувања. Македонски спорт дознава за еден „нов ветар“ во клубот, но не станува збор за ракометарка...барем не актуелна. Татјана Медвед би требало да биде новиот спортски директор во екипата почнувајќи од пролетната полусезона. Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров е во одлични односи со старите колешки, тренерот Индира Кастратовиќ и претседателот Гордана Нацева и оттука оваа релацја не е некакво изненадување. Медвед беше репрезентативка на Југославија, Србија и Црна Гора и, конечно, само на Србија, а активно играше ракомет до 2010 година. По двете сезони во Кометал, од 1997 до 1999 година, го носеше и дресот на Милар Леланија, Сагунто и Рибароха, во Шпанија, на Мец од Франција, за да заврши во Зајечар.
Доаѓањето на Медвед во Вардар автоматски би значело привилигирана положба на клубот кон голем број врвни ракометарки на трансфер-пазарот затоа што таа веќе функционира како менаџер. Со исклучок на сезоната 2003/04, помина речиси цела деценија во Шпанија и затоа природно е тоа што има развиена мрежа и доста контакти во оваа ракометна сила. Медвед работи и како официјален делегат на ЕХФ, а веќе го посети и Скопје, токму на натпревар на ЖРК Вардар СЦБТ од ЛШ, против Бера Бера.
http://www.sport.com.mk/?ItemID=6E4716568E4B8342812A73CBAAAD8EE5