1. Пилешка супа за душа
100 кратки раскази кои почнуваат со цитати и сите носат некаква поука. Има секакви, расположливи, тажни, подобри и послаби во донесување на поентата. Книгава ја прочитав во вистинско време кога ми требаше нешто такво.
2. На пат - Џек Керуак
Автобиографија на Керуак за почетоците на битот во Америка. Низ цела книга владее некој слободен дух кој те тера да спакуваш ранец во истиот момент и да баталиш се околу тебе. Ја читав летото секогаш кога бев на плажа и ја густирав полека. "На пат" фасцинира, го ослободува умот и отвара нови хоризонти кои можеш само да ги замислуваш затоа што слободниот начин на живот и живеење на сонот онака лесно со сите благодети и ризици, во ова општество денес каде најважни се навиките, носи само пропаст.
3. Замок - Франц Кафка
Можеби една од најдобрите книги кои некогаш сум ги прочитал... Можам слободно да кажам дека ова за мене е најдоброто дело на Кафка. Сите тие елементи кои го сочинуваат Замок некако ми се врежаа во меморија и иако ја прочитав пролетта, уште ја мислам. За Кафка може да се пише на долго и широко и иако прочитав скоро се што напишал, не се сметам за компетентен да го анализирам според она што е, туку според она што јас го чувствував кога го читав. Истото тоа чувство кога земјомерот К. не може да се движи по снегот, му создава мачнина, денот преминува во ноќ кога тој уште не ја поминал улицата по која се движи. Иако Замок е исполнета со метафори за бирократијата и главниот мотив (како и во Процес и Америка) е неправдата, тука сепак мислам дека најсилна емоција пренесува љубовта меѓу К. и гостилничарката. Иако романот не е довршен, не претставува никаква пречка да не се доживее. Ремек дело. Овој ми е омилен цитат:
“I can’t think of any greater happiness than to be with you all the time, without interruption, endlessly, even though I feel that here in this world there’s no undisturbed place for our love, neither in the village nor anywhere else; and I dream of a grave, deep and narrow, where we could clasp each other in our arms as with clamps, and I would hide my face in you and you would hide your face in me, and nobody would ever see us any more.”
4. Америка - Франц Кафка
Можеби требаше да ја прочитам Америка пред Замок и Процес затоа што е полесна и појасна книга на Кафка, но некако не ме импресионира како другите. Можеби затоа што ја влечев со читање поради други обврски, но имаше само делови кои ми оставија впечаток, другото скоро и да ми избледе од сеќавање. Имаше еден студент кој во разговор со главниот протагонист рече дека мора да го заврши факултетот побрзо и за да не спие, пие само црно кафе. Немал спиено неколку месеци. Главниот лик овде, за разлика од К., делумно е виновникот за неправдите кои му се случуваат. Додека К. е заробен во мрежата, Карл Росман сам ја заплеткува.
5. Неподносливата леснотија на постоењето - Милан Кундера
За Кундера и особено за оваа книга мислам дека се е кажано на форум. Ова е првата книга која ја прочитав од него. Те тера да се навраќаш низ страните за да препрочитуваш делови, ги мислиш, анализираш, ликовите се комплексни, можеби до негде надреални. Акцент се става на комунизмот и животот на интелектуалците во тоа време. Нема црно бели ликови во книгата, не можеш да заземеш страна, сите се грешници и богови на свој начин.
6. Книга за смеата и за заборавот - Милан Кундера
Продолжив со Кундера и среќа што во библиотека имаа повеќе од него, Книга за смеата во својата структура содржи фрагменти од повеќе приказни кои се преплетуваат, преку заеднички мисли или потези на ликовите. Најголем впечаток ми остави делот за младиот поет кој се сретна со Гете.
7. Бесмртност - Милан Кундера
За мене најдобрата книга на Кундера (од овие три кои ги прочитав). Во Бесмртност се појавуваат и Гете и Хемингвеј и самиот Кундера. Сите ликови се длабоко разработени, нема нешто површно, се е реално, се случило или ќе се случи, па се соживуваме со некои настани. Други пак, ги доживуваме од аспект на кој никогаш не помислуваме. Секогаш, во секоја ситуација, кај секој лик постојат повеќе аспекти на набљудување и она што Кундера го прави и носи заклучок од тоа за мене е фасцинирачки. Лесно ми станува омилен писател.
8. Раскази - Чехов
Не знам за љубител на литературата кој не прочитал барем еден расказ на Чехов. Во ова издание имаше десетина. Најомилен ми беше Шега. Чехов е мајстор за раскажување, ја носи и прикажува поентата во два потега. Нема многу вртење, губење време, се е тука, ликовите на Чехов се ликови од реалниот живот, тука, и безвременски се, ќе постојат и после сто години.
9. Остров на пладне - Хулио Кортасар
Збирка раскази на Кортасар. Фантастика. Прв пат читав нешто од него. Има прекрасен надреализам во неговите раскази. Последната реченица те остава шокиран. Последната. Кога мислиш дека дошол крајот, и тоа е она што го нуди приказната, доаѓа последната реченица која ти вели "прочитај се одново". Најмногу ми се свиѓаше расказот "Здравјето на болните". Препорачувам.
10. Името на розата - Умберто Еко
Пишав во некоја друга тема. Еко е генијалец, колку само Името на розата е повеќе од роман, енциклопедија е. Кога фаќа да набројува работи, го прави тоа цели три страни. Исто и за него, се е напишано на форум, нема потреба да објаснувам.
11. Том Соер - Марк Твен
Сакав да се вратам во детството кога ги читав овие книги и за да бидам барем малку фраер како Том Соер, скитав низ градот и учев нови делови од него, па мислев којзнае колкав е Охрид.
12. Хаклбери Фин - Марк Твен
Помалку се сеќавав на Хаклбери Фин, го имаше истиот оној ефект што го опишав погоре. Сега, кога го читав, ми остана тоа сеќавање на безгрижните денови и за момент се вратив таму.
13. Глувци и луѓе - Џон Стајнбек
Се чита во еден здив. Се работи за подолг расказ од околу стотина страници. Глувци и луѓе мора да се прочита барем еднаш во животот. Има една морална борба со која се соочува читателот после ова. Колку непресметливите луѓе треба да бидат прифатени од општеството или да се држат надвор од него.
14. Странецот - Албер Ками
Ја читам по втор пат, првиот пат беше во средно кога ја имавме за лектира. Има нешто предизвикувачко во Странецот кое те тера да ја читаш одново и одново. Нема ништо поапсурдно од реченицата "...сите луѓе на светот, помалку или повеќе, ја посакале смртта на своите најблиски", и за мене Мерсо е најинтригантниот лик во литературата. Неговата рамнодушност е мој бес и иако немам никакви сличности со неговиот лик, го засакав ко другарче кое мора да го читаш на некое време.
15. Ајванхо - Валтер Скот
По препорака на Сабазиј, ја прочитав на почетокот од годината. Сум го гледал тој период од Англија претставен во многу екранизации, прв пат се среќавам со Ајванхо. Во книгата се среќаваат ликови како Робин Худ и Ричард Лавовско Срце. Одлична авантура, многу ми се допадна.
16. Тројцата Мускетари - Александар Дима
Сите ги знаеме мускетарите, па не знам што би пишал, а да не е кажано. Во 2 тома, Тројцата Мускетари нуди одлична забава, задолжително.
17. На запад ништо ново - Ерих Марија Ремарк
Ремарк бил учесник во Првата светска војна и книгата многу реално ги презентира случувањата од фронтот. На моменти згрозувачка, тешка, ужасна - исто како и војната. Многу ми се допадна, после неколку дена откако ја прочитав, пак се навратив на одредени делови. Мора да се прочита, препорачувам.
18. Буденброкови - Томас Ман
Со Буденброкови се дружев цел ноември. Томас Ман ги опишува ликовите и односите меѓу нив на начин кој останува во сеќавање. Во книгата имаше лик по име Клотилда која секогаш, на сите прослави јадеше во изобилство и секогаш остануваше гладна. Кога одам на гости кај мои роднини, има иста таква жена која ја гледам на секој настан, не кажува ни збор, само јаде и не се донајадува. Буденброкови се реални луѓе, насекаде околу во нашето секојдневие. Фасциниран сум од стилот на Томас Ман (досега ја имам прочитано само Смрт во Венеција) и ќе продолжам да го читам. Се што ќе кажам за Буденброкови е премалку, така да запирам тука.
19. Загубениот симбол - Ден Браун
Ми дојде при рака, па ај си реков да видам што нуди најпродаваниот писател на Њујорк Тајмс. Досега не сум прочитал ништо од него, и единствено што можам да кажам е дека е полош од Роберт Ладлам... Можеби одбрав погрешна книга за да го оценувам писателот (читав дека Кодот на Да Винчи е далеку подобра), но Загубениот симбол не нуди ништо особено. Брзо се чита, брзо поминува времето со неа, но не ме исполни. Секоја глава завршува со клифхенгер што те тера да менуваш страни, и после клифхенгерот тотално се заборава, за на крајот да сфатиш дека сите пресврти се глупости. Очекував повеќе.
Ми фали уште една книга за да бидат 20 на број, а како што се ближат колоквиуми, ќе останам на толку.