RickyLFC9
Модератор
- Член од
- 28 март 2012
- Мислења
- 19.565
- Поени од реакции
- 41.148
Време е за дерби!
Кога е во прашање дербито на Северозападот, се останато стивнува. Сите ја знаат големината на ова дерби, без разлика на позицијата на која се наоѓаат двата клуба. Ривалство кое се рамни со она помеѓу Барселона и Реал Мадрид, ако не и повеќе. Ова не е само дерби на Северозападот, ова е дерби на Островот, дерби на Европа и дерби на светот! Страста за освојување на тие три бода не е толку голема колку страста да се порази противникот на било каков начин, омразата помеѓу клубовите се чувствува не само на трибините туку и на теренот, а за тоа ни сведочат и скандалите од претходните сезони.
Пред две сезони Луис Суарез расистички го навреди Патрис Евра, кој потоа презема мерки да го пријави во Фудбалската Асоцијација кои му одрекоа казна на Суарез од 8 натпревари. Овој случај го претвори пламенот помеѓу екипите во пожар, а исто така предизвика и таков ефект за во Англија да се воведат нови казни поврзани со расизмот, правејќи ги расистичките испади на исто рамниште со најголемите прекршоци.
И претходната сезона не помина без скандали. На Енфилд Роуд имаше (во најмала рака) дискутабилни одлуки во корист на Манчестер Јунајтед, што предизвика уште поголем гнев кај фановите на Ливерпул.
Манчестер ги доби двата натпревари од претходната сезона со резулат од 2-1.
Но ова е нова сезона, сега го нема Фергусон, тука е Дејвид Мојс, поранешниот менаџер на Евертон, исто така лут ривал на Ливерпул. И Мојс си има негативна историја со Ливерпул која го прави доволно искусен за справување во вакво дерби. Претходната сезона тој го нарече Суарез прљав играч кој знае само да прави "dives", па кога Суарез постигна гол против Евертон, голот го прослави на уникатен начин, со своевиден "dive" пред нозете на Мојс.
Но сега го нема ни Суарез. Тој го отслужува 8миот казнен натпревар поради гризењето на Бранислав Иванович и ќе се врати токму на Олд Трафорд, но во Capital One купот. Се разбира тогаш ќе се врати доколку остане во Ливерпул, што би требало да биде неприкосновано ако судиме по начинот на кој клубот се справи со неговата ситуација и тврдењето дека нема да биде продаден во последните денови од трансфер прозорот бидејќи ќе биде многу тешко да се замени за толку кратко време.
Ливерпул сезонава ја стартуваше одлично. Две победи против Стоук и Вила го означија најдобриот почеток на Ливерпул во последните 5 сезони. Меѓутоа овој факт не покажува колку е добар сега Ливерпул, туку повеќе истакнива колку беше лош последните 5 сезони. Клубот одигра и натпревар против Нотс Каунти, кој Ливерпул го доби на продолженија со 4-2, жртвувајќи тројца играчи од првиот тим кои се повредија во текот на натпреварот, најзначаен Коло Туре кој игра како препороден во црвениот дрес. Тимот на Роџерс игра добар фудбал, екипата секогаш е спремна да изненади и секој знае дека тоа е состав кој не треба да се потцени, макар и со баниран Суарез, 33-годишен Џерард и новите дискутабилни засилувања. Сепак тука е Даниел Стариџ кој постигна 4 гола во првите три натпревари за Ливерпул, па од Манчестер ќе треба многу да пазат на поранешниот играч на Челзи и Манчестер Сити.
Манчестер Јунајтед во првото коло ги совладаа Свонси со 4-1, каде Велбек и Робин Ван Перси ги наполнија мрежите на Мишел Ворм, двајцата со по два гола. Другиот натпревар Манчестер го одигра против Челзи, кој заврши 0-0. Тука блесна Вејн Руни, играчот кој беше во слична ситуација како Суарез ова лето во Манчестер, со Челзи како главен кандидат за неговиот потпис. Меѓутоа токму против нив Руни највеќе се истакна и по се изгледа дека тој ќе си остане во дресот на Манчестер и оваа сезона. Мојс практикува сличен стил на игра како и Фергусон, па Ливерпул би требало да знае што да очекува. Но она што никој не знае што да очекува е перформансот на Робин Ван Перси, играчот кој дефинитивно ќе биде најзапазен на овој натпревар бидејќи тој лесно може да го сврти натпреварот.. На натпреварот со Вила Роџерс тактички го отсече Бентеке од противниците, со што ја анулираше заканата од нивниот тим, па несомнено ќе проба истото да го направи и со Ван Перси. Меѓутоа класа е во прашање кога се гледа разликата меѓу Ван Перси и Бентеке, како и помеѓу Манчестер Јунајтед и Астон Вила.
А еве ги и играчите. Со оглед на тоа што сме 30ти август, а за 3 дена се затвара трансфер прозорот, ова до утре лесно може да сe смени. Меѓутоа еве кој е достапен, а кој не за двете страни.
Ливерпул (достапни): Мињоле, Џоунс, Енрике, Џонсон, Агер, Виздом, Џерард, Хендерсон, Кутињо, Лукас, Стерлинг, Ајб, Алберто, Аспас, Стариџ, Борини;
Повредени/Недостапни: Сисоко, Ален, Коатес, Суарез;
Несигурни: Туре, Шкртел;
Манчестер Јунајтед (достапни): Де Геа, Џоунс, Фердинанд, Видиќ, Евра, Керик, Клеверли, Валенсија, Велбек, Руни, Ван Перси, Јанг, Смолинг, Еванс, Линдегард, Битнер, Кагава, Гигс, Заха, Фабио, Андерсон;
Повредени/Недостапни: Нани, Рафаел;
Несигурни: Хернандез.
Тоа е тоа, останатото е на менаџерите да одлучат со каков состав ќе излезат и како тактички да го надмудрат противникот. Се надеваме на (во најмала рака) интересен фудбал на Енфилд Роуд помеѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед и секако, секој се надева на победа на својот тим.
И за крај, како посебен прилог, интервју направено од фан на Манчестер Јунајтед со фан на Ливерпул (секако на Македонски јазик)
http://www.manchesterismyheaven.com/pogled-kon-protivnichkiot-tabor-razgovor-so-navivach-na-liverpul