Датум: 12.06.2013, 16:00
Фестивал „ВоЈдан Чернодрински“, Прилеп
Дождот си врне, публиката ги полни салите
Стоечки овации ги поздравија актерите од Македонскиот народен театар синоќа по изведбата на „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски. Потскратената претстава на националниот театар, една од најгледаните сезонава, го задржа вниманието на публиката во Центарот за култура „Марко Цепенков“ каде што се одржува фестивалот „Војдан Чернодрински“, кои останаа во гледалиштето половина час по полноќ. Најмногу насмевки им изнуди актерот Оливер Митковски, кој во претставата зборува токму прилепски.
Дождливиот јуни не ги премисли прилепчани да бидат публика. Речиси секоја претстава е полна. Со аплаузи ги поздравија и актерите од Штипскиот театар, кои ја изведоа „Парови“ од Миро Гарван, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Претставата низ призмата на денешницата со многу нејзини мани беше блиска до публиката и еден вид коментар на опијанетоста од телевизијата, ТВ-сериите, и недостигот на толеранција на луѓето помеѓу себе.
Поучени од традицијата на популарноста на студентските претстави што гостуваат на фестивалот, организаторот годинава одлучил да покани четири претстави од два факултета – од ЕСРА и од ФДУ. Термините од полноќ во театарот „Војдан Чернодрински“ не се никаква пречка за помладата публика да бара место повеќе. Дури се ставаат и плус столчиња, се седи и на скали, ни вели Стојан Дамчески, кој е од организацијата на фестивалот.
Така беше и за настапот на студентите од четврта година кај Роберт Вељановски на ЕСРА. Дамчески истакнува дека токму придружната програма годинава е привлечна.
- Околу 700 деца ја проследија претставата „Пипи Долгиот Чорап“, тоа беше празник за градот. Студентските претстави се преполни. Центарот за култура е отворен до 6 часот наутро, луѓето се дружат. Најважно е дека публика има и таа е задоволна - рече Дамчески.
Стотина посетители ја погледнаа и претставата „Посланија“ во режија на Тихомир Стојановски, на театарот „Скрб и утеха“, што се одржа кај манастирот „Св. Никола“ во Варош. Најслабо посетена претстава досега била таа на Тетовскиот театар, „Гнида“, на Сулејман Рушити. За неа немало превод.
С` повеќе владее мислењето помеѓу гостите на фестивалот дека треба да се вратат дискусиите по претставите и дека тоа е здраво за театарот. Мора повеќе да се разговара за театарот, сметаат театарџиите, кои со години го следат фестивалот.
Гостин на фестивалот е и Јордан Плевнеш, со чија драма „Архелаос или Еврипид се враќа дома“ беше отворен фестивалот. Тој учествуваше и на трибината посветена на Љубиша Георгиевски.
На последниот ден кога може да се видат претстави од официјалната програма, вечерва во 19.30 часот ќе гостуваат актерите од Албанскиот театар со претставата „Прст“. Ќе се игра со превод. Последна претстава од официјалната програма ќе биде „Ноќите во бел сатен“ на Прилепскиот театар. Студентите од ЕСРА уште еднаш ќе имаат можност да покажат што знаат на полноќ во Центарот, со дипломската претстава. Членови на жирито се: Јани Бојаџи, режисер, Васе Манчев, писател и Мустафа Јашар, актер. (С.Ѓ.)
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=89B5525038428E4B8B72336FAC79195D