Ниските камати не ги избркаа штедачите од банките
Падот на каматните стапки на влоговите продолжува и годинава. Најголемата банкарска тројка од овој месец оди со пониски камати на депозитите
Нина Нинеска-Фиданоска
Каматните стапки на штедењето непрекинато одат надолу во последниве години, но наспроти овој тренд, граѓаните во банките вложуваат се' повеќе. Експертите објаснуваат дека менталитетот на просечниот македонски човек го прави своето, насочувајќи ги неговите пари во банка како поим за помалку ризична форма на влог, наспроти несигурните акции или фондови, за кои многумина и немаат доволно информации.
За илустрација, ако во 2009 просечната камата на денарските депозити во банкарскиот систем била 7 проценти, веќе во 2012 нејзиното ниво е 5,1 отсто. За девизните депозити, пак, каматата од 3,3 отсто во 2009, е сведена на 2,2 проценти во 2012 година. Наспроти надолната линија кај каматите, состојбата на депозитите кај населението покажува сосема поинаква слика, па ако вкупните граѓански заштеди на крајот на 2009 „тежеле“ 2,02 милијарди евра, на финишот на 2012 тие достигнале 2,85 милијарди. Значи, за три години пораснале за фантастични 830 милиони евра. Само во декември лани депозитите на домаќинствата „набилдале“ нови 45 милиони евра.
Може ли ваквиот одличен раст на штедењето во иднина да се загрози ако банките продолжат да ги симнуваат каматите на депозитите? Тоа секако дека се должи на следењето на сигналите што ги праќа монетарните власт, но граѓаните кои штедат не се чувствуваат пријатно кога ќе земат помал приход за своите заштеди.
„Ако пред неколку години за мојот ’скромен‘ влог од 5.000 евра земав камата од околу 2.400 денари на три месеци, сега таа се симна на 1.300 денари. Тој приход за мене значеше многу, но сега се' повеќе се ’тенчи‘“, се жали еден скопјанец.
Падот на каматите на граѓанските заштеди продолжува и годинава. Најголемата банкарска тројка од овој месец оди со пониски камати на депозитите, иако станува збор за минимални корекции. Но, едно по едно, намалувањата на долг рок значајно чепнаа во каматните приливи.
Информацијата дека ја намалуваат каматата на депозитите банките ја објавуваат на своите интернет-страници, сметајќи дека тоа е коректен и дискретен начин на информирање на клиентите. НЛБ Тутунска банка соопшти дека од 8 февруари ги намалила каматите на депозитите за физички и правни лица. Каматите на депозитите на физички лица се намалени од 0,1 до 0,4 процентни поени, а кај правните од 0,1 до 0,5 поени. Стопанска банка - Скопје соопшти дека направила соодветно надолно приспособување на каматите на депозитните производи за население и за правни лица, во просек за 0,25 процентни поени. Комерцијална банка, пак, информира дека намалува камати и за кредити и за депозити. Кога станува збор за депозитите, покрај за правните лица, снижувањето на каматите за денарското и девизното штедење е од 0,05 до 0,5 процентни поени, а намалувањето се применува од први овој месец.
Банкарите велат дека снижувањето на каматите на заштедите е реалност, односно дека во време кога има висока ликвидност, нормално е да паѓа цената на парите. Тие не очекуваат дека поради постојаниот пад на каматите на депозитите, граѓаните ќе престанат да штедат во банка и ќе ги пренасочат парите во акции или во инвестициските фондови.
„Не очекувам дека некој ќе вложува во акции, барем не во следниве неколку години. Особено не по оној шпекулативен раст на цената на акциите во 2008 и потоа нивниот пад, сега е прашање кој во тоа ќе верува. Или за инвестициските фондови, тие и во светски рамки ја изгубија довербата“, вели Ѓорги Јанчевски, прв човек на НЛБ Тутунска банка.
Луѓето од брокерскиот сектор и од инвестициските фондови, пак, сметаат дека граѓаните во штедењето во банка гледаат безризичен пласман, што им одговара на ова ниво на каматни стапки, наместо да преземаат ризик каков што би бил вложување во акции или удели, или, пак, инвестирање во сопствен бизнис.
„Очигледно дека најатрактивна за вложување на парите се' уште останува банката, и ќе биде така се' додека се релативно високи каматите на депозитите. Но, сега се раѓа посериозна конкуренција кај инвестициските фондови, кои во својата понуда имаат парични фондови, фондови за обврзници..., кои се доста сигурни инструменти. На пример кај паричните фондови годишната камата е од 3 до 4 отсто, а тие се флексибилни инструменти, бидејќи колку време се вложени средствата, за тој период и се добива камата. Оваа индустрија почнува да расте во последниов период, иако кај неа се' уште се во прашање милиони, додека заштедите кај банките се мерат во милијарди“, објаснува Коста Костадиновски, од „Илирика“.
Според неговите очекувања, каматите на депозитите во банките и натаму ќе одат надолу, најмногу како последица на светските трендови. „Тоа ќе придонесе луѓето да почнат да размислуваат за алтернативи за вложување, значи или да се ориентираат кон овие инструменти кои се помалку ризични, или да вложуваат во акции, каде што ризикот е поголем“, вели Костадиновски.
Статијата е прочитана 744 пати.
http://utrinski.com.mk/?ItemID=236D84D06ED0E34C9A7C6B89CF7E7250