.Sky.
Заменик министер без титула
- Член од
- 15 февруари 2013
- Мислења
- 6.857
- Поени од реакции
- 7.241
- Локација
- На Венера
- Веб-сајт
- www.facebook.com

Во август минатата година, во македонските медиуми како бомба проструи информацијата - Македонец ќе брани во "Арсенал"! Ланскиот 30 август, младиот македонски голман Дени Илиев, во присуство на легендарниот тренер Арсен Венгер, стави потпис на тригодишен договор со "топчиите".
"Претходно бев на проба во 'Сент Паули', 'Гент' и во милански 'Интер', па, искрено, кога ме повикаа да заминам за Лондон, мирно спиев. Јас по природа сум човек што не се возбудува многу, што не го фаќа еуфорија. Но затоа чувството при чинот на потпишување на договорот не може да се опише. Венгер прв ми честиташе и ми посака наскоро да се најдам во првиот состав", вели 18-годишниот струмичанец, кој објаснува како стигнал до дресот на "Арсенал".
"Скаутите на 'Арсенал' прво ме гледаа лани во март, разговараа со мене, но тогаш имав мала повреда на зглобот, морав да паузирам, па сe се одложи. Англичаните повторно дојдоа во Македонија, поточно во Турново, на квалификацискиот меч со Чешка. Оставив добар впечаток, падна договор да отпатувам за Лондон, каде што останав десет дена. Потоа се случи потпишувањето на тригодишниот договор, од чии финансиски услови сум презадоволен".
Дени веќе осум месеци е жител на англиската престолнина.
"Нормално, првите денови ми беа најтешки, додека се навикнав. Татко ми, кој дојде за потпишувањето на договорот, си замина и останав сам во Лондон. Овде живеам во изнајмен стан, оддалечен петнаесетина минути возење до тренинг-кампот на 'Арсенал'. Станот го делам со уште двајца млади фудбалери од 'Барселона' и со еден од Шведска. Секој ден имаме по два тренинга, а дома се враќам околу 17 часот. Во понеделник и во четврток, од 13.30 до 15 часот, во базата каде што тренираме, посетувам часови по спортски предмети, како фудбал, атлетика, кошарка... Во сабота и во недела настапувам во Премиерлига за млади екипи до 18 години и сите голмани браниме на по еден натпревар. Инаку, базата каде што тренираме е вистински град во мало. Таа располага со 14 терени, сала, базени, ресторани и со простории за одмор. Овде сме како една фамилија. Во мојата категорија тренираат педесетина играчи, а конкуренција ми се тројца голмани: од Велс, Ирска и од Англија", раскажува Илиев, кој често е на трибините на стадионот "Емирати" на мечевите на првата екипа.
"Кога сум слободен, редовно сум на 'Емирати' и ги следам мечевите на првата екипа. Има дел од трибината зад клупата која е резервирана за младите фудбалери на 'Арсенал'. Од играчите од првиот состав, најблизок сум со Санти Казорла, Џуру и со Шчесни. Сите тројца ми одговараат со карактерот. Впрочем, голманот Војчех Шчесни е, според мене, еден од најдобрите голмани на светот, а тој ми е и идол".
Во Лондон, Илиев, покрај редовните тренинзи, има време да му се посвети и на приватниот живот.
"Не излегувам често. Иако Лондон нуди богат ноќен живот, јас сум професионалец и не останувам до доцна во ноќта. Обично кога сум слободен, заедно со цимерот Кристофер Олсон од Шведска и со уште еден фудбалер од Босна и Херцеговина, одам на вечера, а некогаш и во кино. Во Лондон има убави девојки, но засега јас сум му посветен само на фудбалот и не сум во врска".
Дени Илиев потекнува од фудбалско семејство. Татко му Марјан петнаесет години го чуваше голот на струмичка "Беласица".
"Советите од татко ми секогаш се добредојдени. Особено ми потенцира да внимавам на нафрлените топки. Впрочем, тој е еден од најзаслужните што сум овде, во 'Арсенал'".
Младиот македонски голман веќе има подвлечено што сe треба да исполни за да заокружи успешна голманска кариера.
"Прво, мора да се изборам за место во втората екипа на 'Арсенал', а потоа и во најсилниот состав. Секако, очекувам во најскоро време да добијам повик за настап во најдобрата репрезентација на Македонија. Сепак, најголема моја желба е да бидам најдобар голман во светот и ќе сторам сe таа да ми се исполни", вели Дени Илиев, единствениот Македонец кој е член на еден од најсилните светски клубови, лондонски "Арсенал".
Тони Зографски
Во Лондон се дружам со Горан Попов
Дени Илиев често се дружи со Горан Попов, кој настапува за премиерлигашот "Вест Бромвич Албион". Двајцата се од Струмица, па имаат заеднички теми за разговор.
"Бидејќи Бирмингам не е далеку, кога е слободен, Горан често доаѓа во Лондон. На ручеците на кои одиме, советите од поискусниот колега се добредојдени. Нормално, и муабетите за Струмица се неизбежни", вели Илиев.
Со Венгер се видов само еднаш
Од потпишувањето на договорот, со тренерот на "Арсенал", Арсен Венгер, Илиев се видел само еднаш.
"При средбата, Венгер воопшто не ми изгледаше како препотентна личност. Ми рече само да тренирам и да не се грижам за ништо. Познато е дека тој им дава шанса на младите голмани. Така, иако Шчесни имаше само 19 години, Венгер го стави да дебитира во првиот состав".
Му посакувам многу успех и среќа во борбата да влезе во првиот состав на Арсенал


