Државата годинава ќе исплати
37,03 милијарди денари (
602 милиони евра) за пензиите на 287.200 пензионери, покажуваат официјалните податоци од централниот буџет. Просечната македонска годишна пензија изнесува околу 2.100 евра годишно односно 10.744 денари месечно.
Буџетската ставка наменета за македонските пензионери е една од најголемите поединечни ставки во централниот буџет.
Најголем дел од парите наменети за сегашните пензионери и сите лица кои ќе се стекнат со тој статус годинава ќе пристигнат од активното работно население во земјава.
Од сите вработени годинава државата проектира да наплати 28,47 милијарди денари од придонесите за социјално осигурување кои на сегашните вработени им гарантираат пензија од државниот пензиски фонд во иднина по навршување на 64 години за мажи и 62 години за жени.
Останатите 8,56 милијарди денари (139 милиони евра) кои недостигаат и се појавуваат како разлика меѓу уплатените и потребните приходи и годинава како и досега ќе ги одвои Министерството за финансии од сите приходи на централниот Буџет.
Но, пензиите не се единствената дејност на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување годинава. За други социјални трансфери годинава од Фондот за ПИОМ се резервирани 8,5 милијарди денари. Вкупниот износ за сите активности за социјални бенефиции изнесува 45,58 милијарди денари од што за пензии се наменети 37,03 милијарди денари.
И годинава како и многу години досега за исплата на пензиите се грижат 724 вработени на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување за Република Македонија. Вкупниот буџет на оваа институција за годинава изнесува 46,07 милијарди денари, од кои 45,58 милијарди денари се наменети за пензии и други социјални бенефиции за различни социјални слоеви во земјава.
За својата годишна работа секој вработен во Фондот за ПИОМ годинава ќе направи оперативни трошоци од 0,65 милиони денари (нешто повеќе од 10.000 евра годишно). Вкупниот буџет за плати на сите вработени во оваа институција, која оперира со Буџет од 749 милиони евра изнесува 288,5 милиони денари ( околу 469.000 евра).