Денеска за прв пат направив работа во животот за која никогаш не сум размислил дека ќе ја направам.......
Денот беше супер ден сам по себе. Станав околу 14 часот, со намера да се подрасонам подобро бидејќи во 16 часот требаше да се појавиме со сестра ми во матично каде се регистрираа братучеда ми и нејзиниот дечко, да се земат за маж и жена бидејќи младичов ја побарал пред неколку дена и така иди сега работава. Обично при вакви работи карактерично е присуството на изобилство од радост, среќа, насмеани лица, емоции на сите страни за чекорот напред во животот и заедничко добро за двајцата млади во понатамошниот тек. Но овде истото недостигаше, или го имаше но на некој чуден вештачки начин за да се даде една позитивна поткрепа за младите.Зошто чуден, би се запрашал некој доколку го чита постов ?Бидејќи низ форумов често пати го дрвам како тоа ми недостига една единствена личност која прерано не напушти, личноста која беше мој личен учител во многу области, личноста која ми беше пример за добар, разумен, милостлив, закон лик во секој поглед. Човекот со кој пораснавме, човекот кој ни даваше да слушаме од неговите купени касети на касетофончето, човекот кој пишуваше приказни во кои ние братучедите бевме главни ликови и се смеевме за имагинацијата во која пливавме, човекот со кој поминавме многу излети/одмори/собиранки/пијанки/излегувања. Човекот кој со своето заминување остави голема празнина. И така тој човек замина пред 2 години, 4 месеци, 6 дена, 3 часа и во моментов 8 минути некаде од каде нема враќање. Сите чувствуваме празнина и недостиг од потребно присуство бидејќи негова сестра не го заслужува тоа, но животот е глупав, суров, животот не е фер и никогаш нема да ве праша или да ве предупреди дали истиот ќе ви понесе со себе тага, пресекува како најоштро сечило, тивко дувка како најтопло ветре кое со своето присуство нема никого да разочара за на крај да се истури како лавина лед, недефинирана жештина-ладнотија кој се вградува некаде во тебе и го отежнува движењето на плунката, го стега грлото, секој ваш напор за лесно движење на воздухот постанува тежок, како да воздухот бега од вас, се оддалечува, ве остава сами да се справувате додека хаосот наоколу маршира без престан.
И така влеговме што влеговме во собата. Луѓето си ја вршеа својата работа, си читаа содржина од законот каде особено ми остана во сеќавање познатата реченица од предметот Семејно право дека Бракот е заедница на МАЖ И ЖЕНА, падна и по некој гаф кој беше добредојден и за миг не натера сите по малку да се посмееме и да подзаборавиме на празнината. Родители ко родители, сакаат нивното дете да биде радосно, па силно ги потиснуваат емоциите, нели одиме напред.........животот тече, времето треба да почни да лече. Претходно заборавив да напоменам дека пред влезната врата на зградата си стојат циганчиња со тарамбука, хармоника и едно мандолинче кои ги пречекуваат со музика младите за да ќарат по некој денар и да исвират по некое песниче бидејќи тие мигови се радосни нели? И така по завршувањето на сите потпишувања, изречени зборови и честитки, со големо брзање излегов прв пред сите од просторијата. Циганчињата се наместија пред вратата и започнаа да ја свират ти донесов млада невеста . Мојот брз чекор се претвори во трчање и секавично излегов надвор од институцијата која си ја викаме ние по народски матично. И тогаш кајгано ја направив работата која ја спомнав на почетокот од постов за која не верував дека некогаш ќе ја сторам. Извадов пари од џебот и му ги подадов на најмалото члечне од групата кое зачудено ме погледна бидејќи беше збунето од целото мое брзо реагирање.Му платив на свирачи да не свират(иронична реченица која ја користиме кога некој е претерано лош во свирењето, пеењето) на зафрканција.
-Повелете, реков. Не свирете ве замолувам. Не дека вие лошо свирите напротив вие сте супер, но моментов е таков што на луѓево кои ќе излезат по мене, не им е дојдено до веселење.
-Добро другар како ќе кажиш, фала ти-одговори едно од циганчињата.
Со чуден поглед ме гледаа и не можеа да разберат најпрвин што точно се случува бидејќи претходно веројатно проценувајќи по нивната младост и неискусност немаа доживеано сличен настан. По некои 15тина секунди излегоа и останатите од зградата. Јас се пододдалечив кон колата, но забележав дека и не знам како да го наречам, нека биде мажот на мојата братучеда изваде пари и им даде со цел да постапат исто како што јас бев претходно замолил. На тоа тие уште повеќе се израдуваа.
Ваквата моја одлука беше предизвикана од реакцијата на мојата вујна која ја забележав пред да влеземе во собата,како мачно подголтнува и тешко вдишува, во меѓувреме надвор музиката пука додека луѓето кои претходно ја завршија работата за која ние чекавме радосно подигруваат и слават.
Но тоа е ЖИВОТ. За едни радосен, за други тажен, за некои никаков, за други неподнослив, за трети непосакуван бидејќи сигурно во миговите додека го пишував овој пост низ целиот свет се случиле убиства/самоубиства/несреќи, родители загубиле деца, деца загубиле родители, брат загубил сестра, маж жена и така секој загубил некој и допрва ќе загуби како што времето минува. Времето лечи рани, па затоа им посакувам многу здравје пред се,потоа љубов, среќа, успеси и деца, деца кои ќе внесат светлина во животите на роднините, особено вујна ми и вујко ми.
Потоа поминавме мигови во опуштена атмосфера со муабет, винце/ракија кој како љуби и начнавме теми кои лошите мисли ќе ги фрлат некаде далеку, многу далеку каде нема да се осети нивното присуство. Одиме напред.........затоа што мораме да одиме.