Во целост интервју со Петар Ѓошев....
Приказ на економската ситуација без розовите наочари.....
Интервју - Станавме измеќари на меѓународниот капитал
Индиецот Субрата Рој најави изградба на суперлуксузен туристички комплекс во Љубаништа и споменик на Мајка Тереза. Дали сте фасциниран од овие ветувања?
Фасциниран сум од нешто друго - од длабочината на незнаењето и нечесноста на нашите управувачки елити, од свесното и/или несвесното предизвикување непоправливи загуби за својот народ. Наместо трескавично да молат да дојдат странски инвеститори, треба да имаат елементарна анализа за добивките и штетите од секоја странска инвестиција и јасна стратегија за среднорочните и долгорочните ефекти од нив.
Можете ли да го илустрирате тоа со неки примери?
Секако. Пред продажбата, скопската Рафинерија работеше со загуба. Загубата беше затоа што Владата ги држеше цените на дериватите под контрола, без редовно усогласување со берзанската цена на нафтата. На странскиот купувач му се даде тоа право - без тоа никој не е луд да инвестира во објект со планирана загуба. Државата се обврза секоја година да го откупи секое количество мазут до 500.000 тони, коешто нема да го продаде на пазарот. Исто така, речиси му подарија траса за да изградат нафтовод од Солун до Рафинеријата, со повисоки транспортни трошоци од претходниот транспорт вршен преку „Македонски железници“. Апсурд, но е корисно да се скрие добивка за помалку да се плати данок на државата. Бројот на вработените го намалија, добивките, нормално, се зголемија. Значи, ним добивките, нам помалиот број вработени и големото загадување, зашто секоја влада е уценета со задолжителниот откуп на непродадениот мазут.
Потоа беа продадени „Македонски телекомуникации“, монопол, кој во социјализмот, со превработеност и неколку пати пониски цени, правеше добивки меѓу 100-150 милиони германски марки. А потоа, намален број вработени, неколкукратно повисоки цени, подмитени функционери кои им го чуваат монополот, а јавниот правобранител не може да утврди кои се тие. Билансот е јасен: нам отпуштените работници и повеќекратно зголемените цени, ним триплираните добивки, уставно изнесени од земјата.
Беше продадена и „Електродистрибуција на Македонија“. Тие ќе инвестирале, ние не сме можеле. Тие инвестираат, но сите пари и многу над тоа ќе се обезбедат од граѓаните и фирмите во Македонија, во спротивно, не би седеле овде ни ден. Бидејки е странска компанија, „излобираните“ функционери им изгласаа закон за 5-годишно робијање на сиромашните кои ќе бидат фатени во кражба на струја. Сега следува „надградба“ на овој проект. Катарците ќе стануваат сопственици на ЕЛЕМ. Ашколсум!
Странци ни ги купија и „прилепските мермери“ и цементарницата „Усје“, компании кои можат да работат со загуба само ако ги управуваат ненадминати апаши. Се пустоши народното богатство, а за еколошките кратери никој не плаќа. Положбата на вработените во нив никогаш не била полоша, заштита нема.
Своевремено беше донесен и „Рамстор“, да ни изгради хангар во центарот на Скопје, на парцела купена за само 25 германски марки и да ни ја продлабочи дупката во билансот на плаќања, слично како и „Веро“, само тој плати повеќе за земјата и на тезгите, има и по некој македонски производ.
Што ќе кажете за најновите странски инвестиции?
Со „новиот бран“ политичари се вжештија индустриските зони како главен белег на економскиот модел на сегашната Влада, покрај „Скопје 2014“. Државата троши даночни пари за изградба на инфраструктурата, за возврат, главно, во првата декада, не бара даноци. Задоволна е со по неколку стотици вработувања и не се грижи што има дијаметрално спротивни аршини кон домашните инвеститори, кои згора на тоа мора да трпат рекетирање по разни основи - партиски, лични, верски. А откако ќе завршат годините на даночниот рај, голем дел од нив, како што докажано прават, ќе побараат нов даночен и еколошки рај. Во таа низа е и најавената инвестиција на Субрата Рој, крајно нетранспарентна инвестиција во најава, договарана во четири очи, без јавен меѓународен тендер. Не знам што нему му е ветено дека ќе плаќа и нема да плаќа, но бездруго ќе ни вработи еден број келнери и келнерки и ќе отвори еколошка дупка во нашиот најубав и најскап резервоар на вода и природна убавина, вода која можеби по 5-10 децении ќе биде фактор број еден за наше преживување. Преспанско Езеро се губи, Дојранско е повеќе бара одошто езеро, неслучајно го нарекуваат „ѓољ“. Ќе се префрлиме, можеби на најновата надеж, Дунав – Морава – Вардар - Егеј.
Ова прозвучува како да сте против странски инвестиции?
Може така да се разбере, но тоа не би било точно. Со примериве сакам да кажам дека во процесот на глобализација има добитници и губитници. Ние сме, убедливо, губитници. Ние сме дел од таканаречената асиметрична глобализација. Продаваме се', и тоа најдоброто, а не купуваме ништо. На тој начин ние стануваме само измеќари на меѓународниот капитал: нашите во странство за надница, нашите дома за надница, уште помала, и тоа додека не им текне да најдат некој друг инвестициски рај. Реки пари истекоа надвор од нашата економија и народ од неукост и корумпираност, а министерот за финансии не трепнува, велејќи дека сме заштедиле десетици милиони евра затоа што ако не сме го „лапнале“ кредитот со камата од околу 5 отсто, тој и неговата Влада ќе не' задолжеле со кредит со камата од 10 отсто, трето немало?
Сакате да кажете дека овие инвестиции не го зголемија нашиот БДП?
Овие инвестиции влијаеја на зголемување на БДП, но не или трошка на БНП (бруто националниот производ).
На кој начин?
Еве како. Некаде до 1990 година стандардна мерка за економските остварувања беше бруто националниот производ (БНП), грубо кажано, вредност еднаква на бруто приходите на граѓаните на една земја. Потоа се премина на БДП (бруто домашниот производ), вредност на производите и услугите произведени во една земја. Во изолирана земја, без размена со странство, овие два индикатора се исти. Во што е суштината. Ако дел од вредноста на производите и услугите излегол надвор од земјата, БДП не се намалува, пресметан е пред тие вредности да излезат од земјата, но БНП се намалува. Значи, приходот на странските компании остварен во земјата целосно влегува во индикаторот БДП, но излезениот дел од приходот од земјата се покажува како намалување само во БНП. А населението во една земја живее од тоа што останало во неа.
Зошто и покрај поволностите што се нудат и големиот број презентации во светот, странските инвестиции се мали?
Не е доволно да им понудите само пониски даноци и други олеснувања. Битни се и други фактори: функционирањето на вкупниот економски и политички систем, големината на пазарот и куповната моќ на населението. Не е доволно да им кажете - „ние сме на раскрсница“, а истовремено да велите - ние им даваме приоритет на локалните патишта, таму поминувале повеќе луѓе? Тоа значи дека на „раскрсницата“ сте и' ставиле крст, а крстовите служат за молење и исповед, а не за работа. Над сето тоа, би рекол клучно, е како ја проценуваат вашата политичко-безбедносна состојба, тековно и во перспектива.
Пред извесен период предизвикавте бура во јавноста. Рековте, јавниот долг не е 30, туку 45 отсто. Стоите ли уште на кажаното?
Тоа што го реков бездруго е точно. Јас не ја измислив дефиницијата за вкупниот јавен долг, туку Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. Ги собрав сите одделни компоненти што го сочинуваат вкупниот јавен долг и резултатот е тоа. Но, на Владата и' се најбитни перцепциите на јавноста, не стварноста. Перцепциите, за жал, ги добиваат изборите, не стварноста. Затоа на веб-страницата на Министерството за финансии стои само долгот на централната Влада и тоа нецелосно.
Се смета дека побитно од висината на долгот е прашањето на што се потрошиле парите.
Клучно е каде одат парите. Врби, споменици и административни згради, ако се од домашниот пазар, влијаат во дадениот момент на тековниот БДП, но не го зголемуваат неговиот потенцијал за раст. А делот од кредитите кој веднаш се насочува за плаќања во странство, вклучително и за автобуси, бронзи од Фиренца, восочни фигури од Украина и слично, не влијае ниту еднократно врз растот на БДП. Кога доаѓа време за враќање, тоа влијае врз намалување на агрегатните индикатори, какви што се БДП и БНП.
На што се должи финансиската и вербалната подршка што ја добива Владата од финансиските институции, пред се', од Светска банка?
Тие институции живеат од давање кредити. На нивните списоци има армија луѓе со огромни плати, висини од кои боли глава. Не можат да дадат кредити, а да кажуваат дека ги даваат во „бунар“. Освен тоа, проценуваат дека Македонија може да позајмува, уште малку, но, видовте и дека почнаа да предупредуваат. Ако пак се случи да заглавиме, ете повторно работа за нив. Ќе не' спасуваат, ќе ни диктираат услови и ќе не' контролираат. Ќе ни бидат Влада, неизбрана на избори, ќе ни го одземат и она трошка суверенитет што ни остана. Домашните претставници на нашиот суверенитет тогаш ќе бидат можеби на Малдиви, на Кајмански Острови, со накривени капи за сонце, додека не им заборавиме.
Свежи се сеќавањата на 24 декември. Зошто мораше буџетот да се изгласа до крајот на 2012 и да не се оди на привремено финансирање?
Скандалот и срамот од 24 декември, свежо или несвежо, нема да се заборави. Тој влезе во нашата тажна историја, заедно со актерите. Усвојувањето - неусвојувањето на буџетот беше прашање за Владата, да се биде или не. Доколку не поминеа задолжувањата во странство, целата популистичка структура ќе им се струполеше врз глава. 2013 ги дочека со достасан долг од најмалку 250 милиони евра. Почнато, а незавршено „Скопје 2014“, пензии кои треба да се зголемат по сила на закон и ветувања над тоа, исплата на т.н. земјоделски субвенции формирани на ниво чие намалување има голема политичка цена, долгови кон компаниите кои не можат веќе да се кријат, а приходната страна на буџетот е се' послаба. Се разбира, тие ја произведоа таа состојба и тоа не им дава право на насилство врз пратеници и новинари. И ним им е јасно дека ја прекршија процедурата. Секој непристрасен суд би ги поништил тие одлуки.
Како би постапиле доколку сте на местото на Бранко Црвенковски?
Ситуацијата е крајно деликатна. Тепаните пратеници не можат да се вратат во тоа што се нарекува парламент, дури и со поголема политичка компензација. Нарачателот нема сам да се казни, а нема да ги казни ниту неговите амбициозни полтрони кои слепо ги извршуваат неговите заповеди. Ризично е отсуството од локалните избори. Европските функционери одамна не се на нивото на задачата што го бара проектот „Обединета Европа“. Пречесто се непринципиелни, со различни аршини за исти работи, мижат пред недемократски постапки, па дури и фашизоидни. Јасно е дека сакаат да ни помогнат да го прескокнеме Рубиконот, но не сум сигурен дека е здраво нивното калкулантство со елементарни кршења на човековите права и неретки недемократски постапки. Нема поважна цел од човековите права и слободи. Нема цел што го оправдува нивното жртвување.