Њујорк тајмс: Хашкиот суд ги затвори сите Срби, а ги ослободи пријателите на Западот
„Правдата на Балканот е селективна“, пишува Дејвид Харланд, директор на Центарот за хуман дијалог, во својата колумна за Њујорк тајмс.
„Ако сте биле српска држава во војната во поранешна Југославија – кој ви е крив“, пишува Харланд во коментарот што се однесува на хашките пресуди на Анте Готовина, Младен Маркач и Рамуш Харадинај.
„Севкупно гледајќи, речиси сите пријатели на Западот се ослободени, а речиси сите Срби се прогласени за виновни. Таквиот резултат не ја одразува рамнотежата на злосторствата што беа извршени во војната“, пишува Харланд и истакнува дека голем дел Срби што беа етнички „исчистени“ за време на војната никогаш не се вратија во своите домови.
„Србите извршија најголем дел од најлошите злосторства, но не беа сами“
„Не чувствувам никаква симпатија кон осудените Срби. Напротив. Ја проживеав опсадата на Сараево. Бев сведок на обвинителите во случајот против Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Србите извршија најголем дел од најстрашните злосторства, но тие не беа сами и не е праведно, ниту корисно, само тие да ја сносат одговорноста“, пишува Харланд.
Колумнистот на Тајмс истакнува дека хрватските лидери ја осмислиле поделбата на Југославија и дека дале „придонес“ кон стравичните случувања во Босна и Херцеговина. „Лично сведочев на неселективниот бес на хрватскиот напад врз прекрасниот град Мостар. Живеев во град во Босна каде отсечените глави на заробените муслимани беа изложени на пазарот“, пишува Харланд.
„Тоа што се случи во Хаг е далеку од правда“
„Гледав десетици илјади српски бегалци како ја напуштаат Хрватска за време на воената акција што во 1995 ја заврши војната, ако ослободените генерали не се одговорни за ова етничко чистење, некој е, а тој некој, по сѐ изгледа, нема да одговара“, истакнува Харланд, и тврди дека Хрватите и Србите во очите на историјата мора да имаат најголем дел од вината за воените злосторства.
„Тоа што се случи во Хашкиот трибунал е далеку од правда и од страна на набљудувачите на Балканот и пошироко ќе биде гледано како продолжение на војната со легални средства – на една страна се ОН, Германија и другите западни сили, а на другата се Србите. Тоа ќе ги засили најлошите политички инстинкти на луѓето во поранешна Југославија: комплексот на прогон кај Србите, триумфализмот кај Хрватите, чувството на жртва кај босанските муслимани, оправдувањето на намерата за постигнување расна чистота кај косовските Албанци. Секоја од овие особини делумно е заснована на вистината, исто како што секоја е пренагласена и манипулирана од страна на политичарите на сите страни“, завршува Харланд.