Граѓаните на Република Македонија од наредната година ќе може да играат интернет игри на среќа организирани од домашен субјект во земјава.
Ова, како што соопшти владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, го овозможуваат новите измени на Законот за приредување игри на среќа и забавни игри со кој се предвидува формирање државна интернет лотарија, во која ќе учествуваат со 51 отсто државата преку Државната лотарија на Македонија и приватен капитал со 49 проценти.
Странскиот партнер ќе се бара преку меѓународен тендер што треба да се распише по усвојување на измените на Законот во Собранието на Република Македонија, кој пак предвидува почетокот со работа на ова друштво на здружување да е во рок не подолг од една година од денот на донесување на Законот.
Во заедничкиот потфат државата, односно Лотарија нема да вложува средства, туку ќе го вложи правото на организација на игри на среќа, а приватниот инвеститор ќе биде должен да инвестира финансиски средства, опрема, хардвер, софтвер, ноу хау, кадар. - Ќе бидат поставени високи стандарди со цел привлекување реномиран странски партнер во оваа област, додаде Ѓорѓиев.
Тој истакна дека со тоа што досега во Македонија не беа организирани интернет игри на среќа граѓаните ги играа преку интернет за странски субјекти со што според некои проценки се одлеваа десетици милиони евра.
- Сега со приредувањето интернет игри на среќа од домашен субјект, односно од државата ќе има регулација на системот, средствата нема да се одлеваат од државата, затоа што странските интернет игри на среќа не би биле дозволени, што значи дека средствата ќе остануваат во државата, а државата ќе остварува приход од даноци, рече Ѓорѓиев и додаде дека ќе има и можност за повеќе средства за специјалните ставки на Лотарија кои ги дава за спорт, здравство и слично.