СО ЖОЛТИ ЛЕНТИ И СО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ЗАБРАНЕТ ПРИСТАПОТ ЗА ПАЦИЕНТИ
Журка за албанското знаме го блокираше Клинички
Клиничкиот центар вчера неколку часа беше блокиран поради прослава на 100-годишнината од албанското знаме, која се одржа во ресторанот кој се наоѓа во некогашната клиничка менза.
Со жолти ленти беше забранет пристапот за возила од Ургентен центар кон клиниките за трансфузиологија и за хематологија, а клиничкото обезбедување ги пропушташе само возилата на гостите на прославата, која почна во 13 часот. Гостите доаѓаа со возила на кои се вееја албански знамиња, а меѓу нив имаше и лекари и медицински персонал од скопските клиники, кои се појавија во бели мантили.
Дел од лекарите што присуствуваа на прославата, рекоа дека на коктелот биле поканети од директорката на Службата за општи и заеднички работи на скопските клиники Шкодране Дарлишта.
"На коктелот по повод 100-годишнината од албанското знаме останав 15-ина минути. Појдов во бел мантил, бидејќи бев на работа, а се одвиваше во кругот на Клиничкиот центар, и бев поканет како доктор, а не како член на ДУИ. Мене лично ме покани директорката на Службата за општи и заеднички работи. Беа поканети сите доктори и сестри од клиниките. Коктелот не го организираше ДУИ, мислам дека го организираше директорката Дарлишта", рече д-р Бујар Османи, лекар на Абдоменална клиника и портпарол на ДУИ.
Директорката Дарлишта вчера не одговараше на мобилниот телефон, за да објасни зошто дел од Клиничкиот центар вчера беше затворен и зошто болничкото обезбедување беше ангажирано да ја обезбедува прославата.
Од Министерството за здравство рекоа дека ќе ја разгледаат ситуацијата и оти ако се покаже дека имало незаконско постапување, ќе преземат соодветни мерки.
http://www.vest.com.mk/?ItemID=E2ED1F9EB91CAE47A8E875D1A375F21A
Дивјаштво без граници, сега изгледа Мвр ќе се изјасни пак за ненадлежно
