БанкЕкспо: Граѓаните му веруваат на банкарскиот сектор и денарот
Македонските граѓани имаат доверба во банките и во домашната валута. Трета година по ред учеството на денарското штедење расте, од 35 отсто во 2009 на 48 проценти во 2012 година. Вкупните влогови изнесуваат 171 милијарда денари, беше речено на денешниот форум БанкЕкспо организиран по повод Светскиот ден на штедењето.
- Годинашниот Светски ден на штедењето Република Македонија го дочекува на најдобар можен начин, со историски највисоко ниво на штедење. Според податоците на Народната банка, на крајот на минатиот месец вкупните депозити во банкарскиот сектор изнесуваат 238 милијарди денари. Зборуваме за капитал кој моментно циркулира во стопанството и постојано се оплодува, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во обраќањето на форумот.
Благодарение на стабилноста на националната валута, додаде, интересот за штедење во денари е засилен. Истовремено, зајакнат е и интересот за подолгорочно штедење.
- Денарските депозити на населението се зголемени за нешто повеќе за 17 милијарди денари или за 26,3 отсто. Склоноста кон штедење во домашна валута доведе до промени во валутната структура во корист на денарските депозити. Првпат по 2007 година, во септември 2012 денарските депозити ги надминаа девизните за 19 милијарди денари. Орочените депозити, пак, остварија годишен раст од над девет милијарди денари и го зголемија учеството во вкупните депозити од 17 на 20 проценти, нагласи министерот.
Според него, овие факти покажуваат дека и во услови на глобални предизвици како финансиската и економската криза проследени со должничка криза и криза на еврото, довербата на македонските граѓани во денарот и во домашниот финансиски систем се задржа, но и зајакна. Ова, потенцира Ставрески, е резултат на воспоставената макроекономска стабилност, стабилноста на денарот, добро дизајнираната регулатива и прудентното однесување на банките.
Осврнувајќи се на Фондот за осигурување депозити, вицепремиерот напомена дека заштедите растат кога клиентите се добро заштитени.
- Со последните измени на Законот за осигурување депозити од крајот на 2010 година, сумата на осигурени депозити се зголеми на 30.000 евра во поединечна банка. Од тогаш до денес депозитите на населението се зголемија за речиси 27 милијарди денари. Шемата на осигурување покрива повеќе од 80 отсто од вкупните депозити на населението, рече Ставрески.
Тој порача дека Владата и натаму со особено внимание ќе ги следи случувањата на меѓународниот и домашниот финансиски пазар и, доколку е потребно, во рамки на своите надлежности ќе презема мерки за одржување стабилен банкарски сектор.
И гувернерот Богов потврди дека македонските граѓани имаат доверба во банките. Штедењето на населението продолжува да расте. Годинава бележи зголемување од 9,2 отсто во однос на лани.