Одлична тема, Io. Ги обожавам ваквите филмови кои оставаат впечаток и траат многу повеќе од нивната предвидена минутажа. Тука е интересното, што еден обичен филм, најчесто фикција, може да ти влезе под кожа со своето дејство и да ти остане в глава со часови, денови. Овие филмови не се предвидени само за забава и релаксација, туку имаат за цел да те замислат, понекогаш и потресат. Од нечии туѓи измислени искуства да ти пренесат порака и одржат лекција за животот, луѓето, љубовта, ју нејм ит. Еве неколку филмови кои ме натерале да размислувам, презентирани според форматот на Io:
A Clockwork Orange (1971)
Што би те натерало на размислување? – Многу работи, но пред се` главната тема на филмот, а тоа е природата на луѓето. Портокалот поставува повеќе прашања: Со каква вродена природа се раѓаме? Дали по природа сме добри? Дали по природа сме лоши? Дали карактерот на една индивидуа може да се промени на природен начин? Што ќе се случи ако моралот се наметне вештачки? Кјубрик зема еден обичен хулиган и му прави низа работи за да види како тој ќе реагира, но и како ние, гледачите ќе ги доживееме неговите подеми и падови. На тоа додава и една друга тема, а тоа е политиката, желбата за власт, манипулацијата со која државата се служи и при која е неминовно да има колатерална штета.
Највпечатлива сцена: Кога започнуваат да му го перат мозокот на Алекс.
Клик.
Dogville (2003)
Што би те натерало на размислување? – Не можев, а да не го спомнам во темава, бидејќи ова е можеби филмот кој најмногу ме поттикнал да размислувам. Dogville започнува со една едноставна премиса – тајните на човекот и моментот кога некој од надвор ќе влета во затворен круг на луѓе. Промена, која изненадувачки е позитивна за сите. Како што се движи дејството, така картите се полека отвараат. Вистинскиот Догвил, но и луѓето во него, се` повеќе ја покажуваат својата ограниченост кон надворешниот свет. Таквата кратковидност резултира со злоба, алчност и насилство. Поради тоа е малку иронично што главното прашање одеднаш станува човековата мирољубивост, сочувството спрема другите и обидот да се оправдаат туѓите постапки, и лоши и добри. Разумот, правилните вредности, сето она поради кое човекот се разликува од животните. Dogville се обидува да испита до каде може да оди добрината кај луѓето, и на кој начин може да биде злоупотребена.
Највпечатливи сцени: Сцената во колата помеѓу Грејс и мистериозниот странец, и оние сцени кои следуваат потоа.
Клик.
Babel (2006)
Што би те натерало на размислување? – Поврзаноста на животите на луѓето во глобалното село наречено Свет, нераскинливата врска помеѓу луѓето од развиениот со оние од неразвиениот свет, оттуѓувањето во бракот. Сето тоа под закрила на основната тема, односно комуникацијата. Онаа комуникација која секој од нас треба да ја искористи за подобро да ги слушаме луѓето околу нас, нивните потреби и желби и нивните маки. Истовремно филмот како да сака да демонстира дека луѓето не се лоши по природа. Можеби, едноставно, понекогаш се добива погрешен впечаток бидејќи во денешните турбулентни времиња секој си гледа сам за себе. Звучи чудно, но можеби поради тоа и односот помеѓу луѓето се` повеќе станува условуван од парите и економијата.
Највпечатлива сцена: Како Американецот останува без зборови кога сиромашниот Арап одбива да му земе пари бидејќи и’ помогнал на неговата ранета жена. Гледачот не може, а да не биде запрепастен што во некои култури (и тоа неразвиени) човекот е оној кој го има приматот, а не парите.
Eternal Sunshine of the Spotless Mind (2004)
Зошто би те натерал на размислување? – Бидејќи на интересен начин ни ја прикажува нестабилната рационалност на еден човек соочен со вистинската љубов. Филмот поставува едно интересно прашање: ако знаеш дека љубовната врска кога-тогаш ќе ја снема, дали ќе се обидеш да заборавиш на неа, и тоа буквално? Дали навистина она кое не го знаеш не може да те повреди, или пак е сепак најдобро кога ќе го искусиш она вистинското, без оглед на последиците.
Највпечатлива сцена: никоја посебно, што не значи дека филмот не изобилува со прекрасни сцени. Ако веќе треба да изберам, можеби би била
оваа.
The Science of Sleep (2006)
Што би те натерало на размислување? – Филмот се занимава со внатрешниот конфликт на еден обичен човек, надокнадувањето на недостатоците во реалноста преку сонување на еден подобар свет и имагинацијата како средство кое може да помогне во освојувањето на саканата личност. Ликот на Стефан е совршен начин да се испита несигурноста која е присутна кај секој од нас, без разлика дали станува збор за несигурност во љубовта, работното место, или комуникацијата со луѓето.
Највпечатливи сцени: Најверојатно сите. На пример
оваа.
Man on Wire (2008)
Што би те натерало на размислување? – Колку и да звучи клише, темата на филмот е дека се` се може кога се сака, или на амерички only sky is the limit. Во овој случај буквално. Man on Wire ми е еден од омилените документарци пред се’ поради оптимизмот кој го шири. Личи на холивудски филм, но е крајно реален, ослободен од идеализации. Филмот не се обидува да направи супер-херој од протагонистот, туку едноставно да покаже како еден човек е спремен да жртвува многу за да си ја оствари желбата од детството. Желба која е далеку од разумот и правилата, но сепак остварлива.
Највпечатлива сцена: Кога Алекс си се шета по жицата, и се заебава со полицајците.
Клик.
Rebecca (1940)
Што би те натерало на размислување? – Филмот не разработува којзнае какви длабоки прашања, но бидејќи е можеби првиот ваков филм кој сум го гледал, и бидејќи е филмот кој ме запозна со Хичкок, го мислев со денови. Не дека филмот е обичен површен трилер. Основната тема, која уште на времето ми остави впечаток, е дека понекогаш (најчесто?) луѓето не се такви какви што изгледаат. Колку повеќе запознаваш некој, толку подобро знаеш што да очекуваш од него. Кога ќе откриеш се`, работите никогаш повеќе нема да бидат исти.
Највпечатливи сцени: сцените кога вистината излегува на виделина и пожарот на крајот.
The Little Prince (1974)
Што би те натерало на размислување? – Исто како и книгата (која ми е една од омилените), специфично за филмот е што доживувањето е различно во зависност од тоа на која возраст го гледаш. Можеби филмот и не е најсоодветна адаптација на книгата, но сепак ми е многу драг бидејќи како дете го имав на касета и го утепував од гледање. Општо е познато дека во приказната има еден куп мудрости. Еден мал принц, кој е во потрага по знаење, и еден пилот, кој е заглавен во пустина, се спријателуваат и нивните животи остануваат променети засекогаш. Со едноставност и убавина, филмот изобилува со алегории за пријателството, животот и смртта. Приказната ја следиме преку призмата на наивната детска наивност, па така гледачот на поинаков начин приметува дека филмот се занимава со сериозни теми.
Највпечатлива сцена: Крајот.
Има уште некои филмови кои би сакал да ги спомнам во темава, ама за нив во некоја наредна прилика.