„Окта“ од идниот месец конечно ќе почне да работи. Неодамна, како што се дознава, состанок имал бордот на директори на компанијата, на кој било расправано за тоа кој датум да се избере за почеток на работа, а најверојатно тоа ќе биде средината на идниот месец. Рафинеријата целосно престана со производство во изминативе шест месеци, со што се потврдија информациите на „Дневник“ објавени уште во март дека раководството на компанијата планира рафинеријата да престане со производство и домашниот пазар да се снабдува со готови деривати од „Хеленик петролеум“, а целта е да се намалат трошоците и да се подобри финансиската состојбата на матичната компанија. Тогаш дури и се размислувало за прекин во период од една година, меѓутоа како главна пречка за реализација на оваа замисла бил притисокот од меѓународната заедница од причина што „Окта“ е главниот снабдувач на Kосово со горива (преку 70 отсто) и кога би престанела со работа, би постоел голем ризик за новата држава, односно зголемување на нејзината енергетска зависност од Србија.
Затоа и се отишло на варијанта на шестмесечен прекин на работата. За ова инаку не беа информирани вработените кои сметаат дека рафинеријата престанала со производство само поради редовниот ремонт кој вообичаено траел еден и пол месец.
Неработењето на „Окта“ имаше негативни последици врз домашната економија, а со оглед дека овој капацитет е еден од поголемите чинители во креирањето на домашниот бруто-производ. БДП во два последователни квартала е во негатива, со што и државата официјално е во рецесија. Според енергетскиот биланс, таа годинава требаше да увезе и да преработи 692 тона сурова нафта и да увезе 200.000 тони готови деривати. Меѓутоа, веројатно крајните резултати ќе бидат сосема поинакви. Односно, многу помалку ќе има преработена нафта, а многу поголем увоз на горива од Грција.
Инаку, последниве години рафинеријата почна со постапно намалување на производството. Па така, ако во билансот за лани беше планирано да се преработат 1,1 милион тони сурова нафта и таа има преработено само 685.754 тони, односно 420.000 тони помалку од планираното. Истовремено има увезено околу 250.000 тони готови деривати.
Намалувањето на работата на „Окта“ почна полека да се чувствува од 2010 година кога биле преработени 842.000 тони сурова нафта иако претходните години се преработувале по над еден милион тони. Уште подрастичен пад има лани, а истото ќе се случува и годинава.
Извори од компанијата инаку коментираат дека тоа што се случува е „виша“ политика која доаѓа од матичната компанија „Хеленик петролеум“ и дека се чека да се види што ќе се случи со неа. Во „Хеленик“ државата Грција има пакет од 35,5 отсто акции, а сопственик на доминантниот пакет е компанијата „Лацис“. Се шпекулира дека таа е заинтересирана да го докупи и пакетот од државата, меѓутоа, прашање е дали тоа ќе биде дозволено од меѓународната заедница која врши притисок на Грција да се „ослободи“ од акциите што ги има во многу компании и со тоа да си ја подобри ликвидноста.
Добро упатени извори велат дека сегашниот доминантен сопственик има стратегија да се „ослободи“ од дел од капацитетите на Балканот (што веќе почнала да го прави во Албанија) и овие пазари само да се снабдуваат со готови горива од Грција. Во тие планови за продажба наводно влегува и „Окта“.
Извор: Дневник
Добро бе мајкуму стара, имаме ли ние власт која што ќе им ги измкне ушите на директорите од Окта? Па нека забранат увоз на готови деривати од грција!
Еве зошто БДП ни иде во минус!