Манчини го сака Пандев во Сити
Според британскиот весник „Дејли мирор“, Горан Пандев е еден од приоритетите на новиот тренер на Манчестер Сити, Роберто Манчини. Покрај македонскиот напаѓач на Лацио, на врвот на листата на фудбалери што Италијанецот итно ги посакува во редовите на тимот што го презеде по ненадејниот отказ за Марк Хјуз и покрај неделната победа над Сандерленд во премиерлигата се и дефанзивецот на Интер, Даглас Сисенандо Мајкон, како и бекот на Јувентус, Џорџо Кјелини.
Најдобриот македонски фудбалер синоќа ја очекуваше одлуката на Арбитражниот суд на Лигата во Милано во врска со неговото барање за раскин на договорот со Лацио. Расправата беше закажана за 16 ч. и требаше да ја води судијата Паоло Џуџоли откако претходно беше одбиено барањето на клубот од Рим за негово изземање. Аргументите на Лацио требаше да ги бранат претседателот Клаудио Лотито, тимскиот менаџер Маурицио Манцини и тренерот Давиде Балардини.
Застапниците на Пандев беа убедени дека нивниот клиент од Судот ќе добие одврзани раце во зимскиот преоден рок да ја смени клупската средина. Според последниот развој на настаните, тој е најблиску до Интер.
#