Добар вовед во темава би бил написот во еден дневен весник
На подфорумов има доста теми кои се занимаваат со кабловските тв оператори но нема ниедна која ја разгледува во целост заедничката понуда на сите оператори.. квалитетот на понудата, придржувањето на понудата ...број и избор на канали.. и нивно своеволно менување и намалување, колку плаќаме за таквите не/услуги, што можеме да направиме за да се заштитиме и не дозволиме да кабловските дистрибутери си играат со нас како што сакаат?!?Имаш 100 канали, немаш што да гледаш
Во основните пакети на повеќето оператори се нудат приближно по 60 канали. Повеќе од половина од нив отпаѓаат на домашни и на регионални канали, но и меѓу преостанатите ретко се нуди канал што е посакуван меѓу корисниците
ТВ-ОПЕРАТОРИТЕ НУДАТ КВАНТИТЕТ БЕЗ КВАЛИТЕТ
Бројката од 357 странски програмски сервиси, кои според регистарот на Советот за радиодифузија (СРД) се емитуваат на територијата на Македонија преку близу 80 обезбедувачи на ТВ-услуги, на прв поглед звучи импозантно. Сепак, ТВ-понудата во земјава е далеку од атрактивна. Последниот „удар“ го почувствуваа љубителите на фудбалот, кои сезонава ќе имаат скратен пристап до натпреварите од Лигата на шампионите и од Лига Европа, како и до шпанска Примера, освен ако не се корисници на „Макс ТВ“ на „Ти хоум“, и тоа на пакет со доплата.
ОБВРСКА ИМ Е САМО МРТВ
Но, настрана од ова, понудата на ТВ-канали и генерално ни е бедна. Во основните пакети на повеќето оператори (без оглед дали се кабелски или од друг тип) се нудат приближно по 60 канали. Повеќе од половина од нив отпаѓаат на домашни и на регионални канали. Остатокот го сочинуваат информативни, филмски, спортски, детски и забавни канали, но ретко кој од нив е особено посакуван меѓу корисниците. Освен неатрактивноста, заедничко за најголемиот дел од нив е тоа што се слободни за емитување (free-to-air), односно операторите за нивното преземање не трошат ни денар, а наплаќаат.
- Операторите се единствено обврзани да ги реемитуваат програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис, Македонската радио-телевизија. Не постои подзаконски акт со кој се определува какви канали ќе реемитуваат, односно нема никаква обврска кога станува збор за реемитување странски програмски сервиси - објаснува Борче Маневски, раководител на Секторот за европска и меѓународна соработка и односи со јавноста на СРД.
ЕДНО НА ХАРТИЈА, ДРУГО ВО ЕТЕР
За да биде оператор на ТВ-услуги, деловниот субјект што сака да влезе во овој бизнис треба само да се нотира во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). За оваа дејност не постојат лиценци. За да емитуваат, пак, одредени канали, операторите треба да регистрираат пакет во СРД.
- При регистрирањето пакет, операторите треба да го приложат во СРД договорот со емитерот или со правниот застапник на авторските права со кој потврдуваат дека имаат дозвола за емитување. Некои телевизии им ги отстапуваат правата бесплатно, други со рок, временски ограничен, а за трети е потребно да се плати - објаснува Сеад Џигал, комуниколог и експерт за медиуми.
Дополнително, кај некои оператори се евидентни разлики меѓу пакетот што го пријавиле во СРД и тој што фигурира на нивните сопствени интернет-страници. За жал, листата неретко не се совпаѓа и со каналите што реално стигнуваат до корисниците.
И ДА СМЕНИШ ОПЕРАТОР - ЏАБЕ
И покрај тоа што нема законска пречка за развој на конкуренцијата меѓу обезбедувачите на реемитувани ТВ-услуги, барем засега корисниците немаат ништо од сето тоа. Понудите на различните оператори се горе-долу исти. Разликите се сосема несуштински и се сведуваат, на пример, на избор меѓу српската ДМ САТ и бугарската Планета (и двете емитуваат турбофолк).
Освен тоа, операторите своеволно ги менуваат каналите во понудата, па лесно може да се случи корисникот, по месец-два, да остане токму без оној канал поради кој го сменил операторот.
Не се многу далеку од општиот впечаток ниту пакетите за кои се плаќа дополнителна сума. Тоа што прво паѓа в очи е дека некои канали се во основната понуда на еден оператор, а во дополнителната на друг.
Оттука, операторите генерално и не можат да се пофалат дека во овие пакети нудат нешто за што вреди да се плати екстра сума.
- Не би рекол дека на операторите им е скапо да платат авторски права и да воведат нови пакети. Не го прават тоа зашто немаат потреба, пазарот сѐ уште не им е заситен - објаснува Роберто Беличанец, експерт за медиуми.
Законски не сме далеку од светот
Медиумските експерти се согласни дека во поглед на легислативата што се однесува на ТВ-операторите не сме далеку од светот.
- Во Велика Британија и во Германија, на пример, каде што сѐ е дигитализирано, корисникот од провајдерот добива рисивер, го изнајмува или го откупува. Со рисиверот добива пакет, кој влегува во претплатата, а дополнително се нудат пакети (спортски, филмски, забавни, ХД, по барање итн.) со фиксен број програми за кои се плаќа. Програмите во самиот пакет можат и да се сменат, но бројот мора да биде ист како во договорот. Ова е така поради динамичноста на самиот пазар - објаснува Џигал.
Сепак, она што го заштитува корисникот е факторот конкуренција, кој кај нас сѐ уште не е ни во зачеток.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9111285066&id=9&prilog=0&setIzdanie=22676