Транслитерацијата „Бокаќо“ постои само во имагинацијата на недоквакани форумски мудомрсачи.
Ај малце објаснување за оние кои се бунат во сево ова. Транслитерацијата во македонскиот (и во сите останати јазици) се базира на апроксимации кои се некаква замена за оригиналната графија и изговор. Апроксимациите пак, не се случајни еквиваленти и можат да се објаснат со анализа на фонетските, фонолошките и психоакустичките карактеристики на гласовите и графемите. Тоа е башка тема.
Ова се фактите: во ниеден јазик (вклучително и македонскиот) транслитерацијата не е совршена ниту до крај конзистентна. Најчесто, транслитерацијата е резултат на некоја прифатена апроксимација која подоцна може да стане и ортографска норма. На пример, во македонски, John Wayne, Thomas Payne и Michael Caine се транслитерираат како Џон Вејн, Томас Пејн и Мајкл Кејн. Арно ама, Mark Twain се транслитерира како Марк Твен, не Твејн, како што би следело од горниве примери. Тогаш зошто е Твен? Затоа што така некој го транслитерирал пред многу години. Непрецизно? Да. Арно ама се задржала транслитерацијата Марк Твен, како што се задржал и безбол (а не бејсбол), Кембриџ (а не „Кејмбриџ“), Шекспир ( а не Шејкспир), итн. Да ги мењаме сите овие сега? Може, оти да не, ама треба да се усогласи целиот систем и да се донесе нов правопис. Дотогаш стариот останува.
Е сега, некој може да каже дека тогаш имало непара писмени луѓе, а денес англискиот речиси сите го знаат. Не ќе да е така. Еве ептен тазе пример за, според мене, лоша транслитерација. Компутерската игрица (и филм) Tomb Raider се транслитерира како Том Рајдер (а не Тум Рејдер што би било многу поблиску до оригиналниот изговор). Има уште тазе примери, да не дрвам, а има и многу други примери за недоследност во транслитерација, од многу други јазици, не само од англиски.
И сега? Ниеден јазик по својата граматичка структура, говорен и пишан стандард (вклучително и транлитерацискиот стандард) не е совршено логичен, ниту совршено конзистентен. Не постои совршена симетрија во ниеден јазичен систем или правопис.
Ама, постои стандард, постојат луѓе на кои им се јасни овие работи, такви на кои овие работи им се битни, кои го владеат стандардот и го спазуваат. А постојат и полуписмени, инаетчии, а богами и мрсомудачи кои се џилитаат со непостоечки примери за Бокаќо.