Датум: 20.08.2012, 14:29
СПУШТАЊЕ ВО АМБИСОТ
Слупчане и бедата на Македонците
Трагичната историја на Македонците се приближува кон сопствената кулминација – денес, во 2012 година во Република Македонија. Kако никогаш порано, националната гордост и колективниот дух на Македонците се спушти на најниско можно ниво, на работ од мигот (времето/просторот) кога потполното уништување веќе започнува да се случува. Ова време е време на најголемата беда на Македонците – беда на нивното достоинство, гордост и идентитет; беда на нивната држава. Спуштањето во амбисот каде што владее бесмислата, депримирачката празнина и колективниот очај, денес е секојдневие на народот – македонскиот народ кој низ историјата, но и само пред дваесетина години веруваше во својата колективна сила и капацитет за подобар живот во сопствена држава. Падот од височините на занесот, вербата и идеалите, иако беше етапен, во овој период го доби својот конечен пад – струполување во кое се содржани криците на недобројаните херои кои умреле за Македонија. Времето во кое живееме е најголема агонија на Македонците, без трошка надеж и парадигми кои ќе го концентрираат и возвишат колективниот хабитус на македонскиот народ.
Бедата на Македонците (конкретно овозможена и реализирана од нивните политички партии) е толку голема, со елементи на светско-историска фарса, преку самото соочување со фактот дека денес (во Македонија!) министер во влада, заедно со офицери на АРМ, положија цвеќе и салутираа на УЧK (терористи кои убија над 80 Македонци, пред само единаесет години!), на територија на Македонија! Тоа е современата беда на Македонците! Сето ова и многу друго просто вреска со навреди врз Македонците; сета наша секојдневна реалност ја покажува бедата на Македонците, најголемата во нивната историја!
Објективната анализа, со Слупчане како најнов доказ, уште еднаш покажува дека најголемата опасност за нас, за нашата држава и за иднината на нашите деца е токму тој проклет „охридски рамковен договор“. Ние, Македонците, се изнаслушавме во овие единаесет години премногу глупости – од нелогични интерпретации на договорот, преку мистично повикување на некаков си „дух“ на рамковниот договор, па с` до мошне опасни барања, односно говор на омраза кон нас, посебно она за целосна двојазичност и употреба на т.н. Бадентерово мнозинство за гласањето на буџетот на Р. Македонија. Постмодерните форми на ропство што доминираат низ светот, кај нас полека се трансформираа во средновековни свирепи методи на собирање данок за некој друг да продолжи да го унапредува твоето ропство, твојата дискриминација, твоето измачување – токму антимакедонскиот систем кој те експлоатира. Во тој контекст, парите на Македонците, со секој ден с` повеќе, се трошат на вработувања на илјадници и илјадници припадници на едно малцинство (за Македонците има забрана за нови буџетски вработувања), а за критериумите и квалитетот на некои вработени, односно нивните „дипломи“ доволно е да прочитате само еден извештај на државниот просветен инспекторат или да заминете на кој било шалтер на некоја институција. Бескрајни вработувања на луѓе кои си седеле дома, се забавувале, а земале од нашите, буџетски пари (згора на с`, ДУИ триумфалистички се пофали со фактот дека се намалува бројот на Македонците во државната и јавна администрација)! Парите на Македонците заминуваат и за прослави на годишнините од рамковниот договор – почетокот на крајот на нашата Македонија! А резултатот е – Слупчане, новиот симбол на поразот и бедата на македонскиот народ и македонската држава.
Ете, дотаму н` доведоа македонските политички партии за само дваесетина години (посебно во последните единаесет), до оваа антиисториска беда на реалноста македонска! Вџашувачкиот колективен молк на Македонците всушност дава замав и сила на антимакедонските процеси и тенденции, и ја одзема енергијата на политичарите да се спротивстават, институционално и демократски, на експанзионизмот и национализмот на политичките претставници на албанското малцинство. Kаде има сила, нема правда, нема право. И навистина било така, Македонците го знаат тоа – на своја кожа го доживуваат секој ден, до мигот на – апатридизам, клетата судбина на Македонците (не само на оние од Арачиново и Матејче).
Наместо да се фрли на националното ѓубриште на историјата срамниот период на владеење на СДСМ, кога тие направија политичка коалиција со ДУИ, денес за жал дури и во време кога ВМРО-ДПМНЕ има целосен политички легитимитет, се дозволува дрско кршење на законите, како на пример она за официјални владини документи на туѓ, странски јазик; а се дозволи дури и да се случи Слупчане! Но, токму Слупчане, токму денес, мора да биде ултимативен колективен мотив, последна шанса за Македонците да направат радикален дисконтинуитет во поновата историја на оваа нација и држава! Денес и овде, во сопствената држава, НИЕ МАKЕДОНЦИТЕ, и како народ и како нација, мораме да го вратиме тркалото на времето, да ги исправиме катастрофалните национални грешки и да започнеме нов почеток! Легално да го поништиме наметнатиот охридски рамковен договор, да направиме нова природна територијална поделба на единиците на локалната самоуправа во согласност со потребите и интересите на македонскиот народ/нација, и да формираме македонска влада која ќе го заштитува националниот интерес на државата. Сплотени како и многупати во клучните историски времиња, Македонците денес мораат да се надминат себеси, својата неприродна малодушност, својот имагинарен страв – и да креираат нова иднина, единствена можна иднина пред вечниот амбис на животот како апатриди!
Бедата на Македонците повеќе не може да се издржи, поднесе, допушти! Таа беда денес мора да се претвори во своја спротивност, во триумф на Македонците! Бедата мора да биде трансформирана во прослава на креативниот, ангажиран дух на Македонците, во ново огледало на македонскиот национален дух во кој гордоста ќе биде рефлексијата, одразот ќе биде достоинството на земјата македонска! Распрснувањето на новата смисла на Македонците, интензивното повнатрешнување на новите идеали во самосвеста кај буквално секој Македонец каде и да е на оваа планета, новата парадигма, новата слика на Македонија – е последниот голем проект на Македонците! Или ќе се случи или повеќе – нема да н` има, како Македонци со/во своја национална држава!
Тони Науновски
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=D1B60FBEA6CD8246A575AFE6CCA2850D