„Улис" е македонска салата, а Коелјо е помија
Семјуел Џонсон во една од неговите луцидни изјави, одговорил на некој критичар-мрчатор со следново: „Мувата може да касне коњ, но коњот и после тоа ќе биде коњ, а мувата ништо повеќе од мува". Оваа реченица ми дојде на ум во моментот кога прочитав дека Пауло Коелјо решил да се пресметува со Џејмс Џојс. Во интервју за Folha de S Paolo (кој знае зошто го одбрал токму овој весник) само прогласениот „книжевен волшебник" вели: „Денес писателите сакаат да импресионираат други писатели. Една од книгите кои причинија голема штета е Улис на Џејмс Џојс, која е чист стил. Нема ништо во неа. Соголен, Улис е будалаштина."
Коелјо секако има право на неговото глупо мислење, исто како што и јас имам право да мислам дека неговото дело е смрдлива чорба од егоманија и абракадабра мистицизам, со помалку интелект, емпатија и вербална артикулираност од една недела стариот камембер кој го фрлив вчера. Но нападот сепак е интересен. Коелјо не е првиот кој му се з'гнува Џојс. Кога и да има реакционерен напад на современата литература, нужен е напад од заседа на Џојс.
Во што се состојат критиките? Џојс, велат тие, пишува за писатели, а не за читатели. Неговите дела се сфатени од една клика мозоци" на кои - и ова треба да се каже со шепот - тој дури и не им се допаѓа, но го користат чисто за да испаднат паметни. Џојс е „тежок", би било сеопфатното објаснување на Џонатан Франзен за тоа зошто го отфрла.
Само некој кој едвај ѕирнал во „Улис" би ја нарекол „чист стил". Таа е „собрале ми се набрале", мешавина и македонска салата на стилови (Гете изјавувал дека тој нема стил, туку дека има
стилови, мото кое може да го прифатат голем број писатели-почетници при потрагата по нивниот дистинктивен „глас"). Коелјо - ајде да претпоставиме - можеби не се жали во врска со славната полифонија на „Улис". Обилните стилови можат да затскриваат недостаток на значење. Како што вели самиот: „Таму нема ништо". Во одбрана на Џојс, би рекол дека кај него има љубов, очај, лутина, страст, великодушност, малограѓанштина, љубезност и освета, како и бубрези, кучиња, сапун, машини што-виде-слугата, класични статуи, менструална крв и ирски дијалект. Но можеби Коелјо не го сопоставува стилот на содржината, туку стилот на пораката. Можеби „Улис" не може да биде сумиран во само една реченица како: „Сети се дека каде и да ти е срцето, ти ќе најдеш богатство". Можеби животот е нешто помалку површен од тоа. Можеби тој ги помешал „Улис" и цртаниот
Уликс 31 за него од 1981.
Коелјо ја прави истата грешка кога дрнда дека тој е „модерен" затоа што може „тешкото да го направи лесно". Мислам дека тоа е етичко и книжевно тврдење, дека сè што има тенденција да го направи светот и луѓето во него помалку сложени, помалку парадоксални, помалку повеќеслојни, е мала валкана навреда упатена кон реалноста.
Вистинската навреда е сепак упатена кон читателот, или повеќе, кон читателите. Забележете дека сите анти-Џојсoвци го имаат читано, и потоа им велат на читателите дека тој не е за нив: многу е тежок, премногу апстрактен, чуден - со „за вас" во позадината. Сум бил таму, велат тие, и нема да ви се допадне. Тоа е став кој го понижува читателот. Нема ништо толку длабоко патронизирачки како просечен, божем „книжевен" автор, кој проповеда качен на гајба. Коелјо создава кожурец од сопствените ограничувања, и инсистира сите вон кожурецот да чувствуваат и да мислат
како него.
Извор off.net.mk