Италијанска компанија ќе биде новиот финансиски двигател на фудбалскиот шампион Вардар, а градот Скопје како основач на клубот и мнозински сопственик во новото АД, ќе се повлече делумно или целосно, е жешката најава за долго топло лето во најтрофејниот македонски спортски колектив.
Сигурна потврда нема, иако е извесно дека во блиска иднина ќе има промени во сопственичката структура на ФК Вардар. „Црвено-црните“ од неодамна се првиот наш клуб што се трансформира во акционерско друштво, па сега е време да се замени мнозинскоот вложување од државната каса со приватен капитал.
- Се уште немаме точна потврда за влез на нов спонзор, но сигурно е дека таквиот концепт за влез на приватен капитал во Вардар е во согласност со нашите размислувања. Градот Скопје помогна да се стабилизира клубот, но според сите светски норми, веќе не може да биде главен финансиер. Ако веќе станавме акционерско друштво мора да доминира приватен капитал – велат од Вардар.
Веројатно градот како основач на клубот ќе остане, но со помал влог и удел. Кој стои зад италијанската фирма не е познато, а ако се случи промената се очекува деновиве „новите сопственици“ да и се претстават на јавноста. На една од специјализираните страници на социјалната мрежа фејсбук наречена „Црвено-црно семејство“ што ги следи исклучиво состојбите во Вардар излезе информација дека ќе има промени и во стручниот штаб.
Фудбалерите од „црвено-црниот“ табор денеска попладне од 17 часот треба да се појават на првата прозивка со што се означува стартот на подготовките пред се за настапот во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите.