Илија Серафимов, користејќи нова технологија, од отпадната слама прави огревни брикети
Илија Серафимов случајно разбрал дека од слама можат да се добијат брикети
Земјоделец од Пробиштип нашол начин да заштеди енергија
Со обработка на сламата, која повеќето земјоделци ја гледаат како отпад од кој не знаат како да се ослободат, младиот индивидуален земјоделец Илија Серафимов од Пробиштип нашол начин како да заштеди енергија, но и пари.
Користејќи нова технологија, тој од отпадната слама прави огревни брикети. Серафимов вели дека првичната инвестиција и не е така скапа, а придобивките се повеќекратни, исто и заштедите.
- Идејата ја добив буквално од мака. Јас се занимавам со производство на житни култури и порано отпадната слама ја палевме. Но со донесувањето на Законот за забрана за палење стрништа, ваквата можност повеќе не постои, а јас се соочив со огромен проблем - како да се ослободам од сламата. Тогаш, случајно разбрав за можноста од неа да се направат огревни брикети и решив да инвестирам - вели Серафимов.
Исплатлива инвестиција
За да ја реализира оваа идеја, тој морал да инвестира 12.000 евра. Со парите набавил машина со капацитет од 60 килограми брикети на час.
- Јас обработувам околу 40 хектари површини под житарки и од нив по секоја жетва остануваат околу 100-120 тони слама. Мислам дека машината за моето производство е доволна, всушност и капацитетот на машината е планиран токму за домашно производство - вели Серафимов.
Тој вели дека засега произведените брикети се исклучиво за лична употреба, но доколку има интерес за нив, можноста производството да се прошири и за продажба не е исклучена. Брикетите од слама уште се нарекуваат и златен јаглен и имаат енергетска вредност од 15,5 до 17 мегаџули по килограм.
Поедноставно кажано, еден тон брикети од слама ослободуваат енергетска вредност колку 3 кубни метри дрва за огрев. Во исто време, нивната примена е многу поедноставна, поеколошка и, секако, неспоредливо поевтина.
Брикетирањето на сламата, освен индивидуални, носи и пошироки бенефити. На овој начин се подобрува енергетската ефикасност, се намалува емисијата на штетни гасови, се зголемува употребата на биомаса, што е дел од барањата што Европската Унија ѝ ги постави на државава во делот на заштитата на животната средина.
Поддршка од фондови
Токму овие предности во производството на брикети од слама биле пресудни Серафимов да ја набави машината за брикетирање, благодарение на финансиската помош од програмата „Цепрос ард“.
- Најнапред стапив во контакт со хрватска фирма што се занимава со искористување обновливи извори на енергија, односно агроенергија. Потоа, преку Федерацијата на фармери дознав за програмата „Цепрос ард“ и за нејзините конкурси за финансирање токму вакви проекти поврзани со искористување обновливи извори на енергија. Конкурирав на тој конкурс и мојата идеја за произведување брикети од слама беше добро прифатена, па за нејзина реализација добив помош и од нив - изјави Серафимов.
Користењето на овие брикети е повеќенаменско, и освен во домаќинството, тие можат да се користат и за загревање штали, оранжерии и индустриски погони, но повеќето земјоделци во источниот дел на државата за ваквата можност не знаат. Ова, секако, зборува за неинформираноста на земјоделците, но и за неискористеноста на овој природен ресурс.
Инаку, во источниот регион има околу 30.000 хектари под житарки, од кои се добиваат околу 30.000 тони слама. Оваа слама, и покрај забраната, засега се пали, но доколку се преработи и искористи за загревање, таа ќе замени околу 100.000 кубни метри дрва.
Идејата ја добив буквално од мака. Јас се занимавам со производство на житни култури и порано
отпадната слама ја палевме. Но со донесувањето на Законот за забрана за палење стрништа, ваквата можност повеќе не постои, а јас се соочив со огромен проблем - како да се ослободам од сламата - Илија Серафимов
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=52212939159&id=10&prilog=0&setIzdanie=22586