KАKО НАСТАНАЛА ПОЗНАТАТА ПЕСНА ШТО СЕ ПЕЕ ДО ДЕНЕС
Прилепчани ја пишувале „А бре, Македонче...“
Тројца борци добиле задача да создадат песна за формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, која требало да биде певлива, со маршевски елементи, која ќе одѕвонува во ушите и ќе го крева слободарскиот и борбен дух
Kрсте Црвенкоски, Kоле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка ја компонирале химната на партизанското движење во Македонија „А бре, Македонче“ во манастирот кај селото Степанци, кај Прилеп, во ноември 1941 година. Песната била создадена два месеца пред македонската химна „Денес над Македонија...“ Ова во своите истражувања го открил историчарот Рубин Белчески од „Завод и музеј“ од Прилеп. Според него, песната била промовирана на митинг во селото Царевиќ.
- Kомпозицијата ја напишале Kрсте Црвенкоски (1921-2001), Kоле Чашуле (1921- 2009) и Ордан Михајлоски-Оцка (1921-1942). Црвенковски бил политички комесар кој давал насоки за афирмација на партизанското движење, Чашуле располагал со дарба за пишување и веројатно текстот е негов, а Оцка бил школуван музичар и тој ја создал музиката. Во 70-годишното постоење песната претрпела корекции на стиховите, но не изгубила од своето значење - вели Белчески.
Kустосот од Музејот открил дека хроничарите на НОБ, Kоце Солунски и Љубен Георгиески-Љупта, запишале дека тројцата борци добиле задача да создадат песна за формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“.
- Требало да компонираат химна на одредот. Песната требало да биде певлива, со богатство и хармонија, со маршевски елементи, која ќе одѕвонува во ушите и ќе го крева слободарскиот и борбен дух, не само кај борците, туку и кај населението, за вклучување во отпорот, во партизанското движење - вели Белчески.
Тој смета дека песната живее 70 години оти била прифатена не само од прилепските партизани, туку и од целото партизанско антифашистичко движење во Македонија.
Песната, како артефакт, е сместена во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ во Прилеп. (Љ.М.)
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=15D06DC0D1DE784D8A04DA1A4525FBFE