Капитенот на Вардар про, Тихомир Додер, од следната сезона ќе настапува за големиот ривал Металург, а се чини дека „црвено-црните“ брзо ќе успеат да доведат негова замена. Српскиот ракометар Предраг Дачевиќ е играчот што би можел да го засили Вардар про за наредната сезона. Средниот бек на германскиот Мелсинген, кој исто така добро се снаоѓа и на левата бековска позиција, треба да допатува во Скопје на преговори со раководството на Вардар про.
Дачевиќ е поранешен српски младински репрезентативец, што кариерата ја почнал во Црвена Звезда, а има настапувано и за ПКБ, Колубара, како и за словенечкиот Целје. Изминативе шест месеци ги одигра за тимот на бундеслигашот Мелсинген, откако го надминал проблемот со повредите.
Јасно е дека во составот што го предводи Веселин Вујовиќ и наредната сезона ќе остане голманот Страхиња Милиќ. Тој дојде во Вардар про на полусезоната по заминувањето на Борко Ристовски во Гумерсбах, а за српските медиуми потврди дека потпишал нов договор со „црвено-црните“.