ДЕСЕТ ДЕНА ПО УБИСТВОТО КАЈ ЖЕЛЕЗАРСКОТО ЕЗЕРО: ВЛАСТА ПАДНА НА ИСПИТОТ НАРЕЧЕН "СЕКОЈ ДЕН СЕ ПОВЕЌЕ НАПРЕДУВАМ...."
Се се одвива онака како што предвидовме уште за време на празничниот викенд - власта си постави амбициозен тајминг за разрешување на злосторот кој се крши врз нејзниот грб
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Десеттина дена после убиствата кај Железарското езеро, работите се движат во целина онака како што предвидовме во текстот за овој настан од претходниот број. Најпрвин, полицијата заглави во трските на езерото и никако да излезе од таму. Потоа, пи-ер варијантата на секојдневно известување на јавноста од страна на министерката за внатрешни работи лично, престана после четири дена (таман според прогнозата), откако претходно лиферуваше бајати вести, на што алармиравме - нема потреба од такви брифинзи а тие ја ставаат МВР "во кафез" од обврски кои нема да може да ги оствари. Случајот е објективно тежок а ниту МВР нема некој капацитет, ниту мрежа на соработници, откако се направи се целата служба да се депрофесионализира, за да се оди по тој посакуван ритам!
НАДВОРЕШНО ЗАГРОЗУВАЊЕ Остана секако прашањето на надворешното загрозување на земјата по пат на специјална војна, што од некоја причина цело време не се изговара од страна на биферите на јавноста: онака како што доскорешиот преседател на Антикорупциската комисија Воислав Зафировски (инаку претходно шеф на внатрешната контрола во МВР) не сака никако да спомне ниту "В" од ВМРО, така и актуелната полициска врвушка никако да го спомене надворешниот непријател?! Зошто? Се цени дека постојат шанси во меѓувреме да се најде "внатрешен непријател"? Му се прави некому специјален "попуст" во овој миг, заради состојбите во неговата земја или има нешто трето, што ние не можеме и да се сетиме во мигот?
Аналитичарите после неколку дена - по написи во весниците - се ослободија и ја отворија душата и започнаа со проценки дека се работи за завера кон безбедноста на земјава од страна на непријател со релативно софистициран систем на функционирање и со мрежа на јатаци. Да го оставиме настрана ова недозволено доцнење, кога станува збор за експерти, кои како да стануваат на миг политичари, да кажеме дека ова претпоставува дека постојат најмалку два круга на сомнителни. Најпрвин тоа се сили кои се координирани од првиот круг, значи од некоја од државите соседки а потоа тука е и неизбежниот втор круг, што значи дека прсти веројатно имаат замешани и некои од големите играчи во поширокиот регион. На таа тема одамна не сме чуле некој да ламентира, дури ни површно!
СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ Да не говориме дека ние одново немавме состанок на Советот за безбедност во земјава ( му го заборавивме и составот), бидејќи, нашиот претседател на државата Ѓорѓе Иванов е загледан те во бунарот на Свети Павле во Паљурци, те лепи ијадарки на музичарите кои свират на плоштадот по повод некој спортска победа на репрезентацијата, а се говори наокулу дека има теза која ја шири меѓу политичарите кои доаѓаат во земјава како гости дека знае каде е гробот на Омер (за кого, се разбира нема докази и дека навистина постоел а камо ли дека умрел на островото во Преспа!). Значи врвниот политичар, кога е безбедноста на земјава во прашање, одново нема зелено светло да се меша во својата професија: неговите политички спонзори не му даваат да влезе во толкување на настаните. Таа блокада можеби е дел од рефлексот некој друг да не го преземе пи-ер просторот или пак за да не ја отвори единствено можната порта кон барање на вистината: проблемот на загрозеноста на земјата од некој кој долго планирал ваков чин, за тоа обезбедил внатрешна подршка во земјата и кој најмил или има во своите редови професионалци на кои не им се тресе раката пред невиноста на жртвите!
Иако многумина сега ја жалат министерката за внатрешни работи, како единствено исфрлена жртва на системот која треба да ги истрпи сите удари на лошите и спори резултати на истрагата, нешто како подвижна боксерска вреќа, реално гледано во најпонижувачка позиција е дигнитетот на самиот премиер. Најпрвин тој недозволиво доцнеше со излегување пред камерите (цели три дена). Место да ја храбри нацијата и да и даде цврстина и морална поткрепа, тој се покажа како лидер без личен капацитет, со скромна харизма и кредит, што би се рекло кај народот, што јавноста започна да се прашува дали премиерот се плаши од нешто, нема што да каже или пак тоа што треба да го каже е толку многу страшно и подобро е да го одмолчи?! Лидер со макар малку доблест би нашол (што би рекле Србите) "петља" за се појави уште првите часови после разденувањето, на Велики Петок. Место тоа, тој даде куса изјава по излегување од утринскиот молебен во Св. Климент, дури третиот ден, од која единствено запомнивме дека бил "погоден во срж"! Што знали тоа? Дали е тоа дозволива и уште подобро - доволна изјава за политичар од таков ранг?
АВТОКОМАНДА Остана необјаснето доаѓањето на премиерот Груевски во средината на минатата недела во штабот на МВР во Автокоманда. Бидејќи неговото доаѓање беше најавено, новинарите помислија дека ќе дојде до соопштување на некоја вистинска новост во истрагата, небаре и со самите имиња на злосторниците! Уште почудно е што тој остана три часа зад затворени врати со полицискиот тим и министерката Јанкуловска и замина речиси ненадејно, како што дојде. Потоа излезе министерката и речиси ги искара новинарите што ја притискаат да кажува секој ден некакви новости, небаре тие и ја измислија тактиката за секојдневно изложување пред камерите околу пладне.
Тука нешто секако се "прекрши" а останаа дури и шпекулации дека се јавил притисок врз "чуварот на добрите вести" да не ги обзнанува имињата на сторителите. Вечерта еден медиум, многу близок од власта, излезе со теза дека објавувањето на имињата на злосторниците нема да се изврши за да не се нарушат меѓунационалните односи (!). Демек полицијата е ОК, само што за резултати од истрагата нема - да речеме така - конзензус. Ова е првата теза која инсистира на фактот дека ние како земја не сме подготвени за вистини кои не се дел од некаков меѓукоалиционен пазар!?
Втората теза која може да се извлече од таа необична посета на Георгиевски на штабот е дека полицијата избрзала со истрагата на ДНК анализите на оставеното возило и мислела дека има доволно добра вест за таа да ја соопшти лично премиерот. Но, веројатно со дополнителната супервизија, оние кои ја вршеле, не виделе основа за таков настап, па по чекањето од три часа премиерот си заминал без било каква изјава низ капиџикот на полициската станица.
ДНК Со тезата дека е направена грешка кај ДНК трагите кај црвениот "опел", следниот ден излезе само единствениот опозиционен дневен весник "Фокус", кој на насловната страница подвлече дека работите кај ДНК трагите се компликувале, односно дека се работи за траги од лица кои не живеат кај нас и тие не можат да се поврзат со познати имиња.
Дека имало нешто укажува и гостувањето на ексминистерот за внатрешни работи Павле Трајанов во "Вин вин" на Оливер Трајковска, последниот четврток. Тој, на расправата за убиствата кај Железарското езеро, рече дека идентитетот на убијците е познат - во групата наводно имало четворица, од кои двајца се од Косово а двајца се од селото Синѓелиќ. Ова го кажа коалиционен партнер на ВМРО ДПМНЕ и човек со несомнени врски со МВР! Како ова му се испушти на Трајанов? Веројатно затоа што емисијата се емитува во четврток, но се снима во среда на пладне во студиото на Алфа, од каде инаку се емитуваат вестите, па емисијата не оди во живо. Оттаму, актуелниот пратеник немал можност да ја слушне промената на директивата или пак промена на ставот кај истражувачите.
Ова уште повеќе ја засили конфузијата кај јавноста околу тоа дали постои начелен "дил" истрагата да не оди во насока на нарушување на односите во земјата. Значи, во вака поставена тактика на власта во стилот "секој ден напредувам во секој поглед" просто не е можно да не се направат грешки и тоа речиси во стартот на истрагата, која мора да биде темелна, бидејќи, треба да заврши со судска пресуда! При тоа се создаваат и политички пораки кои можеби не биле намерни, но не смеат да им се случат на сериозни и одговорни политичари. На ова секако кумуваше и безмалку равнодушноста на албанските лидери, кои место да реагираат веднаш по настанот (некој би рекол а што да реагираат ако не реагира премиерот!) со што би ги покажале "папиларните линии" на соодговорноста за стабилнста на земјата и подршка на правната држава. До некакви ракции дојде дури кога дојдоа немирите на младите во понеделникот попладне во Скопје и тоа веројатно заради стравот што оправдано се јави кај албанското население од реваншизам на Македонците. Оваа забелешка исто така мора да се каже и да се инсистира: реакциите за убиства не смее да има само ако "мојот припадник" е жртвата! Се разбира, говориме за искрени реакции а не за површни и формални.
СУМАРУМ Што би бил второнеделниот сумарум за овој настан. Најпрвин дека масакрот - гледан сега како политички чин - како слика и одек сериозно ја слабее позицијата на државните органи, што е една од целта на извршителите, кои и да се. Талкањето во истрагата, што може да се очекува, уште повеќе ќе ја соголува својата немоќ државата а пред се органите на прогон да се справуваат со злото. Народот се чувствува незаштитен а празните паркови, излетнички места, дури и во блиското Скопје, за време на велигденските празници, па дури и комплетната затвореност на семејствата во домовите јасно го покажуваат тоа. Ова секако оди на конто на актуелните политичари и тие тоа го знаат. Триковите со пуштање на стари или безначајни објекти од страна на Груевски викендов сигурно дека не го спасуваат рејтингот (не се јавува ниту "Дневник" со некоја нарачана анкета). Постои сигурно незадоволство и во самата партија на власт, штом Груевски најави токму сега дека ќе менува голем број на свои функционери. Ова значи индиректно симнување на притисокот од неговата омилена кон другите фукнционери, внесување на неизвесност во сопствените редови и конечно - замолчување на критиките, барем во самото ВМРО ДПМНЕ? И тоа токму во мигот кога власта, особено полицијата, самата себе се опсипуваше со ловорики, заради акцијата со покер апаратите, во чии бизниси, да потсетиме, највеќе имаше нивни луѓе! Нашата полиција, тоа го покажуваат и дискусиите околу лустрацијата, одамна ги изгуби своите доушници кои би биле некаква превенција пред вакви настани или ако такви сепак се случат, би ја олеснувале истрагата. Тоа сега видно ја слабее позицијата на власта и во расправата околу измените на Законот за лустрација?!
ПРЕТОРИЈАНЦИ Втората последица од овој настан е фактот дека меѓунационалните односи се "на жица", што не треба посебно да се открива. Никогаш и не биле полоши од 2001 година. Може МВР - која должи огромни пари на полицајците, заради многубројните дежурства, да потроши огромен број на свои припадници уште една недела, но некои од настаните (како "бунот" во Драчево, на пример) јасно покажувата дека мало ширење на незадоволството, компленто може да ја разводни ефикасноста на униформираните. Што ќе се прави тогаш?
Бодигардот на премиерот - Урко и натаму го нема во јавноста, но ги нема ниту првиот човек на ЈБ - Љупчо Тодоровски, ниту најодговорниот кога е во прашање државната безбедност - Саша Мијалков, кој исто така ги одбегнува јавните места и сликањето. Дали несоменувањето на тррминот "надворешен непријател" е обид колку може да се спасува неговиот лик и дело, бидејќи, тој е апсолутно најодговорен по однос на откривање и превенирање на неговото дејствување на наше тло! Дали стигнувањето до вистината во слулајот со петкратните убиства на сењвер од Скопје одново е заробено во интересите на преторијанците на власта?