ПРИЛЕП ЌЕ ПОКАЖЕ ДЕКА И ОД ОТПАД СЕ ПРАВАТ ПАРИ
Од Капитал
За една година во Прилеп треба да профункционира фабрика за селектирање отпад, која на ЈКП Комуналец ќе му донесе солидна заработувачка, а за неколку години целосно ќе ја исчисти и депонијата кај Алинци. Фабриката ќе ја гради јавното претпријатие, кое е едно од ретките во земјава кое работи со добивка
1,8 милиони евра чини инвестицијата во фабриката за селектирање отпад 90% е наплатата на услугите на ЈКП Комуналец Прилеп
98 илјади евра ќе заработи годинава ЈКП Комуналец Прилеп од селектирање отпад 90 илјади тони отпад годишно прават прилепчани 31илјади евра е нето-добивката на ЈКП Комуналец Прилеп за минатата година.
Пред неколку години Златко Ристески, директорот на ЈКП Комуналец од Прилеп, при посета на Верона во Италија имал можност да види како функционира тамошното јавно комунално претпријатие, Амиа Верона. Претпријатието го селектирало отпадот и заработувало од тоа. Ристески се заинтересирал за идејата и по посетата стапил во контакт со австриската компанија МУТ, која направила пресметки колку би чинел тој проект во Прилеп. Математиката покажала дека за изградба на фабрика со линија за селектирање органски и неоргански отпад на ЈКП Комуналец ќе му бидат потребни околу 5,1 милиони евра. Сумата за претпријатието била голема, па менаџментот почнал да бара поевтина варијанта.
„Понудената сума од МУТ беше висока, но не се откажавме од идејата тоа да го направиме и во Прилеп и да бидеме првиот град во земјава што ќе го селектира органскиот и неорганскиот отпад на депонијата кај селото Алинци. По контактот со австриската фирма уште повеќе се заинтересирав за идејата и почнав и лично да се интересирам за овие технологии“, раскажува Ристески.
Бидејќи од минатата година во градот веќе функционира Центар за управување со отпад, во кој се врши примарна селекција, прибирање и транспорт, доселекција и депонирање отпад, што е законска обврска на сите општини, ЈКП Комуналец решил сам финансиски да ја реализира идејата.
Минатата година претпријатието, кое е едно од ретките јавни претпријатија во земјава кое работи со добивка, од селектирањето на отпадот од 250 пунктови поставени по градот заработило околу 50 илјади евра, а годинава со поставувањето на новите контејнери и канти и во селските средини планира заработка од околу 98 илјади евра. Селектираната хартија, пластика, текстил ги продава на локални фирми.
„Земајќи ја предвид заработувачката од отпадот кој веќе го селектираме и редовната заработувачка од наплата на нашите услуги, која е високи 90%, констатиравме дека можеме сами да го финансираме проектот и да обезбедиме 1,8 милиони евра, колку што ќе ни бидат потребни за изградба на фабриката покрај депонијата Алинци“, вели Ристески.
Претпријатието веќе е во фаза на избор на технологија за селектирање неоргански отпад, која ќе биде поставена во фабриката. На тендерот пристигнале шест понуди, а најголеми шанси има хрватската Техникс (Tehnix), која ја има најевтината понуда. Халата на фабриката, која ќе се протега на простор од шест декари, е планирано да биде завршена до октомври годинава, а линијата за селектирање на отпадот да профункционира до март следната година.
Во две смени во фабриката дневно ќе се преработува и до 150 тони отпад, а во третата смена ќе се преработува отпадот од самата депонија, со што за неколку години депонијата ќе биде целосно исчистена.
„За органскиот отпад ќе биде потребна дополнителна опрема, но кога се располага со носечка техника, ќе се обезбедат средства за линијата за компостара, која ќе произведува природно ѓубре, кое ќе им го продаваме на земјоделците. Со линијата ќе може да се прочисти и старата депонија. Старото ѓубре ќе се внесува во линијата и ќе се одделува ПВЦ-отпадот и останатиот неоргански отпад, покрај секојдневното селектирање и обработување на градскиот смет. Постепено ќе се ослободува депонијата, ќе се прочистува и ќе исчезне за неколку години“, објаснува Ристески.
Работиме со добивка, а нудиме најевтини услуги во Македонија
Прилепчани плаќаат 1,8 денари за ѓубретарина од метар квадратен под покрив, а битолчани и скопјани дури 50% повисоки цени. Годишно по оваа основа ЈКП Комуналец собира околу 200 илјади евра.
„Иако важиме за град со најниски цени за ѓубретарина, сепак, претпријатето работи со добивка. Заслуга имаат и граѓаните и фирмите, кои се дисциплинирани и редовно си ги плаќаат сметките. Зголемување на цената на услугата не планираме, бидејќи тоа може да го намали високиот процент на наплата.
Наместо поскапување на цените поради нафтениот шок, решивме да си ги намалиме платите“, вели Ристески.
Извор:
Капитал / автор: Петре Димитров