МНОГУ ИНДИЦИИ ЗА РИТУАЛНО, СИМБОЛИЧКО УБИСТВО КАЈ ЖЕЛЕЗАРСКОТО ЕЗЕРО
Дали некој испраќал порака со професионалното, групно стрелање на невини луѓе на ден кој сам по себе има некаква симболика на жртвување? Начинот, изборот на жртвите и времето упатуваат на некаков план за дестабилизирање на државата, преку излив на масовни, вулкански емоции, кои лесно нема да бидат стишани. Дали и колку сторителите успеале во своите намери? Тоа не е прашање за криминалистите
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
И пет дена по убиството на пет лица крај смрдливите води на Железарското езеро, Македонија се уште ги бара одговорите за мотивот на чинот кој навидум изгледа сосема бесмислен и без повод, што потоа полесно би водел до извршителите. Меѓуетничките тензии, како што можеше да се очекува, остануваат, иако тие ќе се манифестираат во различни форми и по првот работен ден (а тоа е денес). А тие можат да ескалираат во многу непосакувани правци! Петочните реакции беа очекувани,но контролирани од власта, неделните веќе како сериозно да ја изненадија власта а што ќе биде во текот на неделава?!
Иако текстот е пишуван за време на празничниот викенд, со право може да се верува дека и кога тој ќе се најде на екраните од компјутерите пред вас, на полноќ меѓу понеделникот и вторникот, најголем дел од битните работи околу овој шокирачки настан нема да бидат појасни и може да се верува дека полицијата сите овие денови речиси ќе тапка во место. И многу попрофесионални истражувачки машинерии тешко дека би го отплеткале клопчето на ваков шокирачки настан, токму ако се нема јасен, видлив мотив!
НА ЛАЖИЧЕ МВР се одлучи да открива од ден на ден детали кои главно ги знаеше веднаш по убиство, но за да се изгледа дека "работи на случајот" оние работи кои биле од важност за истрагата во петокот, веќе следниот ден не се важни, па се откриваат, за да се добие можност со нешто да се "наполни екранот" на љубопитството на јавноста. Така беше и во неделата, но тоа окривање на нешто многу познато или очекувано е само доказ дека истрагата е се уште во калта на трските кај Езерото и никако да мрдне од таму! Во понеделникот пред јавноста се излезе со слика на возилото на злосторниците, слика која би имала поголем ефект ако се дадеше пред јавноста - на пример - во саботата?! Се губат денови за да се има "материјал" со кој ќе се излегува "на лажиче" пред народот. Истрагата ја водат професионалци, но таа добива спинувачки фил, на кој навикнала оваа гарнитура, особено во МВР, со што на неделно ниво ќе и создаде проблем, ако се нема нови, реално вредни "дневни вести". Сериозна истрага не може да има и да дава дневни резултати.
Најнапред да се потсетиме дека близу североисточната ограда на некогашниот гигант Рудници и Железарница, во близина на една од водените маси, денес мочуришта, кои служеле за циклично ладење на слабовите во "среќните социјалистички времиња", околу 22.30 часот во четвртокот, на 12 април, се најдени телата на четири момчиња од 17 до 20 години и на едно постаро лице. Убиени се Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски, кои се погребани после обдукција во саботата, како и на Борче Стевковски (45) од блиското село Црешево, кој едноставно налетал на крвавата оргија и како сведок е извлечен од атомобилот и потоа убиен.
ТЕЛЕФОН Момчињата тргнале на риболов попладнето во четвртокот. Последното телефонско јавувување што еден од убиените (Филип Славковски) го имал по мобилен е во 18 часот, кога требал да ја разбуди мајка си за да таа оди на работа, во третата смена. Од разговорот не може да се почувствува вознемиреност, што мајките секако би го познале. Барањето по телефон на една од жртвите (Цветанчо Ацевски) од страна на неговите домашни во 20 часот наишла на "глув одговор". Нема сомнение дека телата на младите риболовци во тој миг веќе биле оладени - еден од сведоците од селото Смилковци, најблиското населено место, говори за истрели кои ги чул околу 19.15 минути. Истрелите, според истрагата, укажуваат дека кон жртвите е пукано од голема близина, со најмалку три видови на оружје, од најмалку три позиции, што создава слика дека се работи, непобитно, за група на сторители. Можно е таа група освен стрелците да имала и шофер, кој седи кај автомобилот а можеби и уште еден стражар.
Начинот на кој е извршена егзекуцијата укажува на увежбана група, која ги натерала жртвите да клекнат и да ги стават рацете зад главата, што е според школски правилата за создавање на најбезбедна ситуација за стрелците а ги става пак во најпасивна позиција жртвите. Веројатно во таа позиција тие се и легитимирани. Неофицијално крај една од жртвите е наводно најдена лична карта. Тоа секако не било просто легитимирање, туку било форма на селекција - имињата на жртвите веројатно биле пресудни за да се отвори оган.
Од она што го кажаа пред екраните стручњаците од Судска медицина јасно е дека врз жртвие е пукано одозгора и од близу, бидејќи, куршумите не се заглавувале во главите на жртвите, туку оделе надолжно по клекнатите тела и правеле повеќе додатни повреди (кршење на вилична коса, повреди на крвните садови во нозете...). Таква егзекуција (тоа е најдобриот израз за стореното) може да направи само увежбана група, која нема никакви морални кочници и кај која нема треперење на рацете. Некои рибари на социјалните мрежи тврдат дека и некои македонски официјални лица така ги легитираат рибарите, барајќи им дозволи и други документи, па создадена е "послушност" кон ваков вид на "контроли" - ова укажува на можност лицата кои пукале да дошле крај езерото и во униформи (лажни или без обележја, сеедно) а момчињата да го немаат во себе рефлексот за евентуално бегство. "Ќе не легитимираат, па ќе си заминат" - можеби им се вртело во главите? И погинатиот средовечен рибар можеби затоа и не бегал, туку нему му се расчистила целата таа ситуација дури откако дошло до истрелите. Тој тогаш се обидел да избега (веќе паДнал првиот мрак) и фатен е додека влегувал во автомобилот, извлечен е надвор и потоа од близу застрелан исто така со три куршуми во главата. Ова не го менува групниот портрет на сторителите, туку го потврдува. Се работи за професионални, извежбани сторители, со добро познавање на процедури за вакви настани, што се добива со обука и подлговремено заедничко дејствување.
Не е јасно дали полиција ги има мобилните на рибарите - ако ги има може евентуално да провери дали со нив нешто не е снимено. Убиците не би ги зеле со нив за да не бидат следени на тој начин, но тоа би го сториле само ако знаат дека на оставените апарати нема ништо за нив. Малку е веројатно дека дополнително проверувале. Ако проверувале тие треба да ги држеле совладани рибарите подолго време пред цевките на оружјето а ако едноставно ги нападнале ненадејно, таквите проверки не би биле неопходни!
БЕГСТВО Телата ги нашле други, ноќни рибари, околу 22.30 а веројатно на полицијата и требало време да дојде во оваа "дупка" уште 20-тина минути. Оние кои го сториле овој чин имале многу време да се најдат било каде до тогаш - непосредно до местото на убиството е обиколницата околу Скопје, која има ранг на автопат, каде може да се развива голема брзина. До границата со Косово се потребни 15-тина минути, до Табановце 30-тина, до Богородица час и половина до два... Како што вели еден искусен полицаец, можно е да се стигне и до аеродромот во Петровец, да се чекира билетот, да се седне во некој авион и веќе да седи пред телевизорот во некоја странска земја, додека се прави првиот полициски увид на лице место.
Најденото возило за кое толку долго требаше да се утврди дека е поврзано со убиството на момчињата од Радишани треба да укаже дека сторителите ја избрале најкусата дестинација - онаа која води кон Косово. Ова најнапред претпоставува дека пред границата тие можеле да изберат три солуции: или да појдат преку некој "капиџик" кон соседството, или да влезат во друго возило и да ја минат границата, навидум како обични патници (кои сепак би биле регистрирани!), или пак да заминат во сосема трет правец, разделувајќи се, како можна тактика. МВР секако ќе ја задржи како можна и опцијата дека оставеното возило е само дел на некаква маркирана и лажна маршрута! Сепак, најверојатно е дека извршителите тргнале кој најблискиот излез од земјата најнапред заради фактот дека не знаеле кога телата ќе бидат откриени, но сметале на мракот,
Што добиме од сето ова досега опишано низ еден замислен модел на случување на настанот кој ја потресе Македонија? Тоа е дека организирана група на лица ликвидирала невини жртви и практично незабележана заминала, најверојатно кон Косово! Дали тука можеме да ги бараме и мотивите?
БЕЗ ОПАШКИ Биографиите на четири момчиња - според неофицијални полициски извори - не укажуваат дека тие имале минато кое би им навлекло некакви имотни, должнички или било какви "опашки", заради кои би си навлекле на врат некои терминатори, со какви се соочиле. Фактот дека со себе имале само трски и по некој сендвич, говори дека не очекувале дека ќе имаат други проблеми освен "рибата да не им јаде". Полицијата ја отфрла можноста дека на езерото наишле на некоја ситуација која морала да биде сокриена со егзекуција на рибарите, но не веднаш, туку таа настанала по нивен неколкучасовен боравок крај жабурникот. Јасно е зошто полицијата така резонира - ако имало таква ситуација, егзекуцијата би била сторена многу часови порано или хопотетичното кривично дело (како што говори министерката Јанкуловска) не би се случило, или би било одложено за време кога на езерото ќе нема сведоци!?
Или пак рибарите се жртви на некои лица кои сакале да остават порака или да предизвикаат меѓуетнички тензии од поголем размер? Ако се сака такво нешто, тогаш може да биде ангажирана професионална група, таква која долго време имала контакт со "жешки цевки".Полицијата следниот ден го пребаруваше езерцето, со цел да открие нешто вредно или значајно заради кое можеби таа водена површина била корисна (нечиј труп, оружје, украдено богатство...) а која пак би "оправдала" класична егзекуција врз четирите момчиња и средовечниот градежен работник, кој случајно налетал во тој миг таму? Такво нешто не е најдено.
Со ова сознание влегуваме уште подлабоко во зоната на режиран злостор. Убиството на тоа место може да биде погодно за смислена егзекуција и создавање тензија кај народот. Зошто, да шпекулираме? Најнапред заради фактот дека од локацијата многу лесно се бега во многу можни правци, како што напишавме. Потоа заради фактот дека на тоа место истрелите не значат ништо, како што знаат и мештаните и на нив никој не обврнува внимание. Но, тоа не се само муслиманските свадби, како што често се вели, туку близината на стрелиштето Камник, можеби на 500 метри воздушно оттаму, каде секојдневно некој стрела (вежби на полицијата и војската, спортски стрелци, лица кои најмуваат простор за да се "издуваат") создаваат релаксиран однос на околината кон инаку вознемирувачките звуци на оружјето. Овие два моменти даваат опис на погодна локација за вака безмилосна ликвидација на толку луѓе а да се не предизивка поголема опасност кон терминаторите. Втор момент е секако невиноста на жртвите и нивните години, кои ја засилуваат пораката со ритуално изведените истрели.
НАРАЧАТЕЛИ Бидејќи, ако повеќекратното убиство е дел од некаква стратегија на големо вознемирување на народот, при што постојат добри претпоставки за зачувување на идентитетот на убијците, тогаш момчињата само станале случајна, но и погодна цел за таа намена: пет трупови, сосема невини, отвораат вистински вулкан од емоции! Особено и заради младоста на жртвите?! И денот не е случајно избран - порака е дека се работи за симболичка жртва (Велики Петок). Додатен "патоказ" е дека жртвите, кои се христијани, можат на таков ден да бидат застрелани од некого, кому овој ден не му значи ништо. Знаеме сите што таа порака значи: треба да предизвика: меѓунационален конфликт.
Некој ќе рече дека тоа е лесно изведен заклучок. Но, оние кои го сториле злосторот сакале да не наведат на такви пораки! Тоа е смислен избор на потези (факти) кои ќе доведат до таков заклучок (теза)! Што би се рекло: тоа е злосторство со наведување.
Друго е, иако е многу битно, кој и зошто тоа крвопролевање го нарачал. Изборот е наокулу - и во нашите границите а се чини уште повеќе однадвор. Тука постојат сепак неколку здрави препоставки.
Ефектите од злосторот секако ги има и тие не мали. Дури не се знае крајниот ефект од убиствата врз стабилноста на земјата, но тоа е земјотрес кој се уште трае и ние под нас го чувствуваме потреперувањето на тлото. За жал, сето ова се случува во услови кога политичката екипа која е на власт нема капацитет да се носи со лоши настани и лоши пораки. Зошто, тоа е тема на некаков следен текст, кога истиот, барем во прво време не би ја спречувал истрагата, што деновиве е вообичаена замолница.