Македонскиот кошаркарски шампион Фени индустри испрати соопштение до јавноста по последните случувања за време на првиот финален натпревар од плејофот против МЗТ Скопје, жалејќи се на низа наводни нерегуларности за време на оваа средба. ЕКИПА целосно ви го пренесува соопштението на кавадарчани:
С О О П Ш Т Е Н И Е
КК „ ФЕНИ - ИНДУСТРИ“ од Кавадраци, во изминатите години остварува сериозни спортски резултати со кои ги афирмира Кошаракарската федерација на Македонија, Кавадарци и Република Македонија на домашната и меѓународната спортска сцена. Само за потсетување, КК ФЕНИ е единствениот македонски клуб во историјата на македонската кошарка, со интернационална шампионска титула.
Меѓутоа, во изминатите неколку месеци, нашиот Клуб се соочува со непочитување на Правилникот и Пропозициите за натревари на Македонската кошаркарска федерација, од страна на службените лица, со што во повеќе наврати сме оштетени. Овие нерегуларности ја достигнаа својата кулминација на последниот натревар меѓу КК “ФЕНИ – ИНДУСТРИ“ и КК „МЗТ – СКОПЈЕ“, одржан на 18 април 2012 година во Скопје, каде се соочивме со крајно неспортско, па дури и насилно однесување и немање услови за регуларност на натреварот.
Целата спортска јавност во Република Македонија беше сведок на физичкиот напад врз нашиот кошаркар Џарид Фрај, кој беше физички наднат и удрен од несовесни навивачи, кој не треба да ги именуваме како навивачи, бидејќи тоа е хулигански чин. На наше огромно разочарување, овој вреден спортист не беше заштитен ниту од судиите, ниту од другите службени лица, делегат, редари, обезбедување и се она што е обврска на организаторт и службените лица. Во исто време нашите резервни играчи, на клупата, беа под силен психолошки притисок, предизвикан од физички и хулигански напад, на „навивачи“ на домашниот тим, со што и во овој случај имаме грубо и смислено кршење на правилата и пропозициите.
Покрај ова, судиските одлуки, со кои директно се влијаеше на крајниот резултат, треба да бидат предмет на опсервација и анализа, бидејќи со нив кошаркарската игра и спортот, го губат своето значење и вредност и стануваат закана за спортистите, љубителите на спортот и државата. Ова веќе не е проблем само на КК „ФЕНИ – ИНДУСТРИ“, ова е проблем кој треба да го решава Македонската кошаркарска федерација и Здружението на прволигашите, бидејќи, во спротивно ќе имаме нергуларен систем на натревари и прашање е кој ќе сака да инвестира во кошаркарскиот спорт и кој ќе доаѓа на натреварите, односно се доведува во прашање иднината на македонската кошарка.
Исто така, мора да ја известиме спортската јавност дека непримерно е судија, а собено ако е меѓународен со знакот на ФИБА, по натреварот да се закани на врвен спортист, репрезентативец, со зборовите „ Јас ќе те откажам од кошарка“, немил настан проследен од бројни сведоци, и размислуваме за инцидентот да ги известиме и најодговорните во кошарката, зашто сметаме дека во име на правдата, на таквите лица нема да им се дозволи да бидат меѓународни судии.
На крај, ќе истакнеме, КК „ФЕНИ Индустри“ е сериозен и реномиран клуб, и спортските порази од подобри противници секогаш грациозно ќе ги поднесе и ќе му честита на подобриот, но доколку на кошаркарскиот терен продолжи да владее неспортското однесување и толеранција за насилството и нерегуларностите, тогаш сигурно дека целосно ќе изгубиме интерес за понатамошно инвестирање во КК „ФЕНИ Индустри“, а сигурни сме дека и другите инвеститори на другите клубови го делат нашето мислење, со што на крај само ќе се придонесе до уништување на македонската кошарка, на која сите ние сме толку горди.
Управен одбор на КК Фени Индустри