T
Tetro
Гостин
Авторот е универзитетски професор и писател
Автор: Венко Андоновски
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=105101410574&id=13&prilog=0&setIzdanie=22101#.T15aVroAA0n.facebook
Единствени стабилни професии во ова општество се владетел и полицаец. Сите други професии се мртви. Ако не ги оживееме, нема што да примат од нас во Европа. Ќе отидат таму само премиерот, претседателот, војската и полицијата. Ние ќе си останеме овде, без професија и достоинството што треба да го носи таа
Сите се жалат. Никогаш професиите, особено оние сврзани со интелигенцијата, не биле на пониско ниво. Не мислам само на платите – тие традиционално се на ниски гранки. Мислам на распадот на стандардите за работа. Недостиг од материјали за работа, недостиг од систем, од организација, недостиг од волја да се смени нешто. Целосна апатија: луѓето како да не ги сакаат своите професии. Незаинтересирани, мрзоволни, зловолни, како под принуда да го работат она што треба да САКААТ да го работат, она што треба да ги исполнува и да ги прави среќни. Така е во здравството, така е во образованието, каде што состојбите се највидливи. Мрзоволни лекари и зловолни професори се влечат по коридорите на установите; како да се тука по казна. Причина: не можат да живеат достоинствено од својот труд! Сепак, учеле за тоа!
Од друга страна, армија млади, гладни за леб и самодокажување. И армија млади што соочени со ова депресивно лице сé повеќе, во бранови, ја напуштаат Македонија. На дело е голем егзодус, можеби еден од најголемите досега. Македонците си бараат резервна татковина насекаде по светов. Кога некој би водел статистика, би се видело дека можеби сега се иселуваат многу повеќе Македонци одошто под „комунистичката чизма“. Очигледно дека мотив за тоа не се само малите плати на интелигенцијата туку и партиските клучеви за вработување. Сега клучот е кај едниот партиски клучар, утре ќе биде кај другиот. Младите веќе не пијат партиска нафта, не сакаат да бидат партиски тетовирани, кога веќе имаат знаење и дипломи, а тоа се мундијални, а не локални или идеолошки категории. Знаат дека работата нема наскоро да се подобри. Затоа, си одат. Ние, кои остануваме, треба да се прашаме каква историска одговорност ќе носиме за тоа што ги бркаме од овде.
Стариот добар Платон, во својата визија за идеалната држава, покажа дека таа може да биде среќна само ако постои хармонија меѓу трите слоја што ја сочинуваат: слојот на производителите, слојот на бранителите (тоа денес би биле војската и полицијата) и слојот на управувачите (односно интелигентите – од учители, преку лекари до политичари).
Кога Платон би фрлил око на Македонија, брзо би установил дека нашата држава е дисхармонична и затоа – несреќна. Кај нас веќе не постои класа на производителите, со ретки исклучоци (ситни производители и земјоделците, кои се веќе на работ на голиот живот). Никој ништо не произведува, зградите на некогашните големи фабрики пропаѓаат, отпуштените работници се на улица. Никој ништо не произведува, ама затоа сите нешто продаваат и препродаваат за да преживеат. Главно занимање е купи поевтино, продај поскапо. Никому не му се исплати да произведува: тоа земјоделците најгласно го кажуваат - кога ќе ги пресметаат давачките за производство, ним им излегува дека го подаруваат физичкиот труд – работат за џабе. Исто како и писателите, учебникарите и оние што „произведуваат“ интелектуални производи. Најисплатлив жанр е – политичкиот говор!
Од друга страна, класата на бранители се зголемува. Полицијата ја има на секој чекор, ама се зголемува и бројот на „приватни“ бранители. Денес имате агенции за обезбедување повеќе одошто имате загрозени – се борат кој кое училиште да го преземе и да го обезбедува. Апсурдите стигнуваат дотаму што се обезбедуваат и кафеани (што можеш да украдеш од кафана ноќе, кога касата е испразнета, освен алкохол?). Ама се обезбедуваат и гробишта. Ова последново е морбидно-комично, затоа што барем на тоа место нема некоја посебна депонажа на вредности (мртвите не работат со кеш), а и нема некоја посебна раздвиженост. Значи, на штрек сме постојано, што се однесува до одбраната. Бранители и обезбедувачи на секој чекор: од протоколот на политичарите, до гробиштата. Само, никој никако да нé нападне. Агресорите се несериозно индолентни, ние сме неинтересни за нив.
Класата на интелигенцијата, пак, е посебни приказна. Со систематското уништување на образовниот систем, со спуштањето на критериумите на најниско можно ниво, се доби ужасен ефект на ТИТУЛИРАНА НЕПРОСВЕТЕНОСТ. Сите имаат дипломи, дури и дудуците. Тоа е најголем грев и најголемо „постигање“ на нашава демократија: да ги израмниш учениот и дудукот. Секој втор е магистер, секој трет е доктор на науки. Со тоа што средното училиште се направи задолжително, сега нивото на знаења на средношколците е како на поранешните основци; ако средните школи станаа основни, тогаш факултетите станаа (особено со дебилно ниските барања на знаење во ЕКТС-системот) средни школи; магистратурите станаа обични дипломи за високо образование, а докторатите станаа магистерски. Тој ужасен ефект на девалвација на знаењата и оспособеноста ќе го почувствуваме дури во годините што доаѓаат, затоа што ќе имаме кадри со регуларно заверени и печатирани дипломи со многу, многу мал фонд на знаења. Јавна тајна е дека поради тоа што не само приватните туку и државните факултети обезбедуваат плата од уплатите на студентите, тие се борат да ги задржат дури и со „прогледување низ прсти“ на испитите. Тоа е рамно на самоубиство. Платон би се превртувал во гробот кога би го видел тоа: ИНТЕЛЕКТУАЛНА ТОЛПА, или ЕЛИТНА ТОЛПА. Каде го има тоа?!
Ферид Мухиќ и Златко Жоглев, во својот мошне инструктивен учебник по филозофија под наслов „Мислење во акција“, пишуваат: „Откога Сократ бил осуден на смрт, Платон стекнал уверување дека владеењето на толпата – демократијата – не и носи добро на ниту една држава. Толпата ниту знае што е добро за државата, ниту за себе. Таа е необразована, поводлива, поткуплива, лесен плен за демагози. Таквото владеење не може да доведе до формирање добри и способни луѓе, како што ДОБРИ И СПОСОБНИ ЛУЃЕ НЕ МОЖАТ ДОБРО ДА ЖИВЕАТ ВО ТАКВО ВЛАДЕЕЊЕ“.
А кога толпата станува интелектуална елита, тогаш со државата е свршено. Измешани се сите лончиња. Полутани и полуинтелектуалци стануваат воспитувачи, лекари и владетели. Производители, како што реков нема. Единствени стабилни професии во ова општество се владетел и полицаец. Сите други професии се мртви.
Ако не ги оживееме, нема што да примат од нас во Европа. Ќе отидат таму само премиерот, претседателот, војската и полицијата. Ние ќе си останеме овде, без професија и достоинството што треба да го носи таа.