Го прифаќам предизвикот (се надевам не е проблем што задоцнето се пријавувам).
Оваа година (од јануари навака) ги имам прочитано -
1. Ана Каренина - Л.Н.Толстој - едно од најпознатите дела на рускиот гениј, кое далеку ги надминува границите само на приказ на брачното неверство, бидејќи воедно е приказ и на едно време со своето уредување и превирања, интригите на високата општествена класа, сфаќањето на љубовта, пријателството, родителската улога, односот кон религијата и многу др. Толстој не напишал само роман, напишал историја.
2. Понижени и навредени - Ф.М. Достоевски
Маестрален приказ на ликовите и интересен тек на нарацијата, роман кој буди насмевки над непромисленоста на одредени(Аљоша), а презир над манипулативната препреденост на други ликови(неговиот татко, кнезот), а тука се и оние кои се сурово згазени и навредени(Наташа, татко и‘, малата Нели), но уште ја имаат силата на гордоста како противтежа.
3. Росхалде - Х.Хесе
Името на книгата е всушност името на имотот на семејството Верагут. Јохан е познат сликар, кој со сопругата Адела веќе со години е емотивно крајно отуѓен, дури и територијално се одвоени, сликарот престојува во своето ателје, надвор од замокот во кој е сопругата, единствено синот Пјер, слободно ги прегазува сите граници подигнати меѓу неговите родители... Доаѓањето на другарот од детството на Јохан - Ото и семејната трагедија, ќе го изменат мачното и мрачно секојдневие меѓу брачниот пар...
4. Сеќавање на моите тажни курви - Г.Г.Маркез
Малечка книга по обем, која иако не би можела да се мари со величествените дела од истиот автор, е веројатно (како што пишува и на корицата) еден од најхумористичните прикази на љубовта во литературата. Еден новинар на својот 90-ти роденден, бара девица, со која би ја минал ноќта. Инаку во неговото резиме има над 500 жени, со кои бил интимен, и на сите им платил, а сега за првпат се вљубува, на еден идеализиран и платонски начин, во малата 14 годишна шивачка на копчиња, од локалната фабрика.
5. Бесови (Демони) - Ф.М. Достоевски
Роман во кој се испреплетуваат мноштво ликови, иако тоа не и‘ пречи на нарацијата. Посебно би го издвоила ликот на Николај Ставрогин, веројатно еден од најкомплексните ликови во светската литература воопшто. Сите ликови (Верховенски, Кирилов, Шатов...) се водени од сопствените демони, во своите постапки, често и до сопственото или туѓо уништување, ама не би било фер да откријам што всушност претставуваат овие демони... оставам да го открие тоа секој читател самиот, воден низ овој мрачен, налудничав и хумористичен на моменти, во секој случај интересен роман, на еден од најголемите литературни гении и познавачи на човековата природата воопшто.
Моментално ја читам
6.Сенка на ветрот - К.Р.Зафон...