Лидерот на табелата, Вардар, ги претстави новите фудбалери кои ќе го засилат тимот за пролетниот дел од сезоната. Доведени се шест нови фудбалери со кои „црвено-црните“ ќе се обидат да ја задржат предноста на табелата пред конкурентите Металург и Шкендија во шампионатот, а ќе атакуваат и на куп-трофејот.
Златко Таневски и Јован Костовски се повратници во „црвено-црното“ друштво откако неколку сезони одиграа во други клубови и во странство, па тие, како што истакнаа се враќаат дома. Нови странци во тимот се Нигериецот Ибе Зито Огбона и Босанецот Самир Керла, а конкуренцијата ќе ја засилат и младите Жан Мановски и Филип Колеќевски.
„Се враќам во Вардар за да ја освоиме титулата. Раководството на клубот и тренерот Илчо Ѓорѓиоски реагираа брзо, откако го раскинав договорот со Белхатов и на мое задоволство, пристигна понуда од најтрофејниот клуб, што без размислување ја прифатив. Вардар е Вардар, ќе дадам се од себе за да ги освоиме двете титули оваа сезона, посебно што во претходниот период во овој клуб, останав без трофеј“, изјави Златко Таневски, кој ќе го засили дефанзивниот бедем на „црвено-црните“.
Јован Костовски е дете на Вардар, замина во Металург, потоа и во Ордуспор и сега се враќа назад во својот матичен клуб.
„Се враќам дома. Имам многу поголемо искуство и се надевам дека ќе дадам придонес за да се подигне нивото и квалитетот на играта на Вардар. Останува добро да се подготвиме и да атакуваме на титулите“, истакна Костовски.
Засилување за одбраната ќе биде и интернационалецот од БиХ, Самир Керла. Тој може да игра како централен дефанзивец, но според информациите добро се снаоѓа и на левата бековска позиција.
„Дојдов во Вардар, најдобриот клуб од Македонија. Тимот е лидер на табелата и се надевам дека ќе ја задржиме таа позиција и до самиот крај. Инаку, добив многу убава слика за Вардар во овие неколку денови и се надевам на успешни игри и резултати“, посочи Керла.
Ибе Зито Огбона, робусниот нигериски интернационалец, ќе биде задолжен за давање голови. Тој знае дека тоа му е работа и ветува дека ќе го даде својот максимум за успесите на Вардар.
„Драго ми е што потпишав за Вардар. Свесен сум дека навивачите од мене ќе очекуваат голови и јас сум подготвен за тоа, затоа што тоа е мојата работа. Ќе го дадам мојот максимум за да ја освоиме титулата и да играме во Лигата на шампионите“, вели Огбона, кој потенцира и дека го послушал советот на Ѓорѓиоски и „симнал“ четири килограми од првиот пробен период, по завршувањето на есенската полусезона.
Меѓу засилувањата се и двајцата млади фудбалери, Жан Мановски и Филип Колеќевски. Тие најавија дека ќе работат напорно и дека ќе се обидат да се наметнат кај тренерот Илчо Ѓорѓиоски.
Се разбира, конечниот збор во Вардар го има шефот на стручниот штаб. Тој истакна дека засега подготовките течат според планот, задоволен е од засилувањата, а од утре тимот патува на подготовки во Анталија.
„Задоволен сум од засилувањата, генерално ги реализиравме нашите желби и планови. Што се однесува до новите фудбалери, се надевам дека ќе го оправдаат епитетот на засилувања преку своите игри и дека ќе му помогнат на тимот. Го одработивме првиот дел од подготовките, сега следува и патот за Анталија, каде што ќе одиграме неколку пријателски натпревари. Треба да ги одмериме силите со рускиот Ростов (05.02), Славија Софија (09.02), полската Краковија (12.02) и со еден молдавски тим (14.02), но тој меч се уште не е финално договорен. Во Анталија директно ќе контактираме со Црвена Звезда и со Левски и можно е да договориме и со овие клубови тест средби. На подготовките ќе патуваат 20 фудбалери и тројца голмани“, информираше Илчо Ѓорѓиоски.
Пандовски на позајмица во Брегалница?
Александар Пандовски најверојатно нема да биде дел од Вардар во наредните шест месеци. Како што информираше шефот на стручниот штаб Илчо Ѓорѓиоски, на него му е понудено да игра за прволигашот Брегалница како отстапен фудбалер во наредниот период.