Пред само еден час беа промовирани моделите на Кинескиот бренд Great Wall во Македонија, кои со ниските цени, Европскиот дизајн и 5-годишната гаранција ќе се борат да ги освојат купувачите!
На самиот почеток, во понудата се наоѓаат три модели – и тоа малиот градски компакт
Voleex, товарното возило
Steed и SUV моделот наречен
Hover. Иако кај нас постојат одредени стереотипи и предрасуди во однос на Кинеските возила, импортерот на овие возила за Македонија – Толту, кој веќе го знаеме како увозник на Subaru – најавува агресивно пласирање на овие возила на нашиот пазар, кој ќе го оправдаат со поволните цени и 5-годишната гаранција која е ограничена на 150.000 километри.
Цените се навистина конкурентни – малиот урбан компакт
Voleex се продава исклучиво со највисокото ниво на опрема и чини 8200 евра, а ќе се нуди со 1.5 литарски бензински агрегат со моќност од 97 коњски сили. Со овој мотор, малиот Voleex забрзува до 100 километри на час за 11.1 секунда а има максимална брзина од 175 километри на час, додека потрошувачката според фабричките податоци е 7.3 литри на 100 изминати километри.
Товарниот SUV –
Steed – Ќе се нуди со 2.4 литарски бензински или 2.0 литарски дизелски агрегат, и цените се движат од 13.550 евра за 2.4 литарскиот бензински агрегат со 127 коњски сили и погон на две тркала, до 16.700 евра за дволитарскиот дизел со 143 коњски сили и погон на сите четири тркала. И кај овој модел опремата е навистина богата. Интересно е да се напомене дека ова возило е хомологирано како товарно возило, и може да се врати платениот ДДВ.
На крај останува теренецот
Hover, кој ако изберете бензински агрегат има погон на две тркала и чини 15.930 евра, а ако изберете дизел ќе дојде со 127-коњскиот дизелски агрегат и ќе ве чини 16.950 евра, нормално со многу опрема.