Џабе дигање галама
„Комити“ се извадија од памет...Не Филип, туку Мирко Ивановски е на проба во Карлсруе
Германскиот весник „Булевар баден“ направи голема забуна меѓу навивачите на Вардар, објавувајќи дека капитенот Филип Ивановски заминал на проба во Карлсруе. „Комитите“ се извадија од памет, ама за нивна среќа, таму е Мирко Ивановски, македонскиот репрезентативец кој замина од полскиот клуб Арка и се обидува да направи трансфер во германскиот второлигаш. На фотографијата што овој германски медиум ја објави денеска, Мирко Ивановски се наоѓа десно, на крајот.
Ќе воздивнат најверојатно фановите на Вардар по оваа информација, со оглед дека сите тие „навиваат“ капитенот и најдобар стрелец на клубот да остане во „црвено-црните“ редови и во пролетниот дел од сезоната.
Еден телефонски повик и од Дојран, од хотелот „Истатов“, се јавува Филип Ивановски.
„Тука сум, во Дојран, денеска тренирав со Вардар, а не со Карлсруе. Нека се смират навивачите, се подготвуваме за пролетниот дел од сезоната“, вели Филип Ивановски, кого го „уловивме“ како гледа ракомет во слободното време меѓу тренинзите.
Мирко Ивановски е македонскиот фудбалер кој деновиве е на проба во Карлсруе. Ќе се обиде да потпише договор со овој клуб откако оваа зима одлучи да си замине од Арка. На првиот тест во германскиот клуб постигнал два гола против една аматерска екипа во триумфот на Карслруе од 11-1. Утре ќе настапи и на многу посилниот тест, против швајцарскиот тим Сент Гален.