0.12.2011 17:58 ДИНАМО ЗАГРЕБ КЕ ГОСТУВА ВО АПРИЛ НА ОТВАРАЊЕТО НА НОВАТА АРЕНА !!!
Најдобриот балкански клуб Динамо Загреб, кој играше сезонава во Лигата на шампионите, во април ќе гостува во Скопје и ќе одигра пријателски натпревар со Вардар за отворање на арената „Филип Втори“. Ова е договорено на денешната средба со претседателот на Вардар, Зоран Шишковски, ја имаше со првите луѓе на Динамо Загреб, Здравко и Зоран Мамиќ на „Максимир“.
Шишковски упати срдечна покана до Динамо Загреб за гостување во Скопје, што браќата Мамиќ со задоволство го прифатија.
„Го имате мојот збор, сигурно ќе гостуваме во Скопје и ќе одиграме пријателски натпревар со Вардар. Ќе ни биде чест да бидеме гости на јубилејот и да играме на новата арена“, истакна Здравко Мамиќ.
Натпреварот со Динамо Загреб најверојатно ќе се одигра во средината на април, а точниот термин ќе биде утврден дополнително. Спортскиот директор Зоран Мамиќ вети дека Динамо Загреб ќе дојде со најдобриот тим.
„Нема никаков проблем за Динамо Загреб да гостува во Скопје. Најубаво би било тоа да биде во април, затоа што нема репрезентативни натпревари и ние би сакале да допатуваме во најдобар состав“, истакна Зоран Мамиќ.
На средбата на раководствата на Динамо Загреб и на Вардар стана збор и за посеопфатна соработка меѓу двата клуба, каде што Динамо ќе се обиде да помогне и со кадровска помош, но и со споделување на искуства и во пионерско - младинската школа. Дел од тренерите на Вардар би можеле да бидат гости на „Максимир“, а исто така и младите селекции меѓусебно да си гостуваат и да играат пријателски мечеви.
Претходно градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски при збратимувањето со Загреб на градоначалникот на хрватската престолнина Милан Бандиќ, меѓу другото, му подари и дрес од ФК Вардар.