Да се сопрат крвавите борби со кучиња, а животните да се заштитат од малтретирање, апелираат од здружението „Анима Мунди“ до надлежните органи. Според нивни информации, зачестиле кражбите на расни домашни миленици, при што се сомневаат дека овој профитабилен бизнис цути наместо да се казнат бруталните организатори.
Профит од малтретирање животни
Обелоденуваат дека изминативе неколку месеци од неколку сопственици биле украдени неколку кучиња од расата питбул.Столе Велковски, претседател на „Анима Мунди“, смета дека милениците се земени со една цел - да се принудуваат на борби, веќе разработен бизнис кој носи многу профит или, пак, за расплод.
- Последните апели и поплаки што ги добиваме се од растревожни граѓани од пред неколку дена. Тие се пожалија дека нивните домашни миленици од расата питбул им се украдени од дворовите. Стравуваат дека нивните верни и неагресивни миленици ќе бидат сурово малтретирани и принудувани на борби - изјави Велковски.
Од Здружението велат дека само во изминативе неколку месеци биле украдени шест расни кучиња од оваа раса. Возрасна женка исчезнала од населбата Ченто, а четиримесечен питбул пред два дена е украден од населбата Аеродром.
- Ми го украле од дворот во вечерните часови. Буквално ми го снема од дома. Пријавивме во полиција, но засега немам никаков одговор - изјави Александра Јакимовска од Аеродром.
Алармантно е, потенцира Велковски, што ваквите борби со животни во нашата држава зачестуваат, а никој не ги спречува. Барам нема за тоа никаква информација во јавноста, дека била организирана акција за апсење на организаторите на вакви крвави борби. Животните, велат од Здружението, се изложуваат на тешка агресија и се борат до смрт.
- Kучето кое губи најчесто се остава да умре бидејќи е „неупотребливо“. Питбулите се вежбаат и се подготвуваат за борба со бездомни кучиња, кои им се приложуваат како жив плен и на тој начин се стимулираат и се охрабруваат да раскинуваат и да убиваат- објаснуваат активистите за заштита на животни.
Опијати за полесно одземање
Kрадците, сметаат од „Анима Мунди“, се добро организирани, а кучињата, претпоставуваат, биле одземени од сопствениците со претходно дадени опијати. Велат, доколку кражбите биле изведени на друг начин, кучето би реагирало на тој што влегува во дворот.
Велковски истакнува дека борбите со кучиња континуирано се одржуваат во Македонија, но досега немаат информации дека е интервенирано од страна на полицијата или од Агенцијата за храна и ветеринарство и дека некој организатор на таквите борби е казнет и одговарал пред Законот.
- Нашите информации говорат дека борбите се организираат во Арачиново, во Лисиче, но се работи за затворен круг. Тие се одржуваат во подруми и тешко е да се открие локацијата. Летово имаше борба на кејот кај Градскиот парк. Повикавме полиција, но додека дојде, учесниците се разбегаа. Од борбите се заработува многу. Се вложува многу, дури и станови - објаснува тој.