ВО БИТОЛСКО ЌЕ ПОЧНЕ ИСКОПУВАЊЕ НА ДРЕВНИОТ ГРАД ЛИНК
Бабата на Александар Македонски била битолчанка
Наскоро ќе почнат ископувања во околината на битолското село Букри, каде што се наоѓал Линк, родниот град на мајката на Филип Втори
Горномакедонскиот град Линк, кој бил и главен град во областа Линкестида, се наоѓал на просторот кај сегашното битолско село Букри, во близина на македонско-грчката граница. Ископувањата ќе ги почнеме веднаш штом ќе ги добиеме првите пари, кои ги очекуваме на сметката на новоформираниот центар. Ова досега го држевме во тајност за да спречиме инвазија од диви копачи, вели археологот од Заводот и музеј од Битола, Аница Георгиевска, која е и членка на новоформираниот центар за истражување на Кралството Македонија, чиј претседател е професорот д-р Виктор Лилчиќ.
- Убавата Горномакедонка Евридика од Линк, кој во превод значи рис, главен град на областа Линкестида, која се протегала во битолско-леринскиот предел се омажила за долномакедонскиот крал Аминта Трети, кој владеел од 394 до 369 година пред нашата ера. Тој кралицата Евридика ја одвел во својот двор во Пела во седиштето на старомакедонското кралство. Евридика во бракот со Аминта Трети го родила синот Филип Втори, таткото на Александар Македонски и затоа со право се вели дека четвртото колено на македонската кралска династија потекнува од сегашниот битолски крај или од тогашната горномакедонска област Линкистида. Потврда за ова е и Хераклеја, која исто така била град во таа област и затоа се нарекува Хераклеја Линкестис - вели археологот Георгиевска
На оваа проблематика подолго време работеле со Лилчиќ.
- И професорот Лилчиќ и јас подолго време ги проучувавме оваа теза, која ја имаме поткрепено со многу историски факти и документи. Сакам ексклузивно да откријам за "Дневник" оти досега тоа го држевме во тајност поради дивите копачи. Градот Линк се наоѓа на просторот кај сегашното село Букри на свиокот кај Црна Река во близина на македонско-грчката граница. Ископувањата ќе ги почнеме штом ги добиеме очекуваните пари, а очекуваме и донации од земјава и од странство, од институции и поединци, кои сакаат да придонесат за материјалното докажување на нашата старомакедонска постојбина и за зачувувањето на нашето име Република Македонија. Но, и за потврдата дека ние Македонците имаме кралски корени и наша кралска династија, од која потекнуваат и нашите најистакнати старомакедонци и војсководци Филип Втори и неговиот син Александар Македонски - вели Георгиевска.
Таа додава дека Евридика била многу убава жена. Била родена токму во Линк. Евридика била од горномакедонското племе Линки, на 15 години се омажила за долномакедонскиот крал Аминта Трети и во бракот со него го родила и Филип Втори.
- Така со право можеме да тврдиме дека Евридика му била мајка на Филип, а баба на Александар Македонски. Грчките археолози, за разлика од нивните политичари, ги прифаќаат овие факти. Затоа и нив ќе ги поканиме кога по ископувањето ќе наидеме на првите археолошки знаменитости што говорат за градот Линк. Пред две години во Солун на конгресот на Европската асоцијација на археолозите со светските и грчките археолози разговаравме на оваа тема. Притоа тие не се противеа, а тоа е уште еден голем мотив што побрзо да го откриеме градот Линк и на светот да му покажеме уште еден многувековен непобитен факт. Многу значаен за Република Македонија - смета Георгиевска.