Елитниот дефанзивец Александар Васоски е многу блиску до враќање во „црвено-црниот“ дрес, остануваат само неколку правни детали до потпис. Тој се уште чека одговор на жалбата на грчкиот клуб Кавала која е исфрлена од Првата лига на Грција, и ако тоа во петок биде регулирано, ете го, многу, многу брзо во Вардар. Како и секој фудбалски професионалец, не сака предвреме да дава изјави, но признава дека имал контакти со највисоките структури од раководството на Вардар.
„Сакам Вардар да биде шампион“, истакнува популарниот Тетовче. „Има само една пречка до враќањето во Вардар, а тоа е жалбата што ја има Кавала како клуб на исфрлањето во понизок ранг на натпреварување. Според моите информации, состанокот на кој ќе се разгледува оваа жалба е одложен за петок, по што најверојатно ќе добијам слободни документи за да побарам нова фудбалска средина. Во спротивно, не можам да потпишам договор и со друг клуб, во ист преоден рок. А, веќе кажав, сакам Вардар да биде повторно шампион!“, вели Александар Васоски.
Во текот на денешниот ден Васоски тренираше самостојно, но не е исклучено да се појави на тренинг со вардарци. За некој ден, доколку се биде в ред, тој и официјално треба да им стане соиграч.
Александар Васоски од 2001 до 2004 година го носеше дресот на Вардар, а потоа шест сезони мина во редовите на бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт. Во „црвено-црните“ редови освои две шампионски титули, а по неговото заминување, Вардар воопшто и нема освоено титула. Можеби неговото враќање во клубот, потпомогнато со целиот квалитет што тимот на Илчо Ѓорѓиоски го има во моментов, повторно ќе го вратат шампионскиот сјај во најтрофејниот клуб.