Значи да сумираме: На Миленко, Мирка и (WTF) Нонковиќ им било дозволено да присуствуваат на дебатата и да добијат збор откако ќе ги образложат своите тези и мислења главните панелисти на дискусијата (во кои спаѓаат Борјан, Биле, Цаца...). Ова убаво го кажа Шацимаркакис во другото видео кое „Владините“ медиуми не се одлучија да ни го прикажат (а кое одеше на Алфа).
На самиот почеток од дебатата Миленко и Мирка не дозволиле да започне дебатата, уфрлувајќи се во зборувањето на европарламентарците... Уште еднаш им било објаснето на кој начин ќе се одвива дебатата, по што на Миленко и Мирка им биле изгаснати микрофоните и биле замолени да излезат од просторијата (што тие радо го прифатија дофрлајќи како ова не е демократија). За начинот на кој се однесувал потоа Шацимаркакис веќе имаше извинување од негова страна.
По овој „инцидент“ Мирка надвор во паркчето дава изјава за Сител: Ние бевме тука да ја растуриме дебатата и да направиме скандал!
Денеска (и вчера) во медиумиве (блиски на Власта) ова е наречено МЕГА - Скандал.
Што е мега скандалот? Никој не објаснува.
Биле отстранети од дискусијата затоа што не го почитувале редот и форматот на дебатата? Па во нашево Собрание секој ден се прекинува седницата затоа што некој се буни дека не му е даден збор, затоа што некој влегол преку ред за реплика, затоа што некому му било одземено правото да зборува затоа што немало време... и.т.н. Па никој од тоа не прави МЕГА-скандал!
Затоа што биле наречени „малака“ од Шацимаркакис? Тоа зборува за културата на типот. Но сигурно дека не зборува за целата Европска Унија или за целиот Европски Парламент. Кај нас пред нецел месец за малку ќе избиеше тепачка во Собранието помеѓу пратеници на две парламентарни групи. Дали тоа значи дека ние сме нецивилизирани грубијани и невоспитани луѓе?
Затоа што „поранешни“ новинари биле свикани на дебата за слобода на изразувањето, а нивниот бивш газда одговара за криминал?
Мирка Велиновска и Миленко Неделковски исто така не се новинари... Мирка Велиновска е колумнист во Нова Македонија, Миленко е водител на „шоу“-емисија на Канал 5.
На дебатата покрај „озлогласените“ Борјан и Секуловска биле уште и Маргарита Цаци Николовска, поранешен судија во Стразбург, Слободанка Јовановска од Утрински Весник (под сопственост на ВАЦ, не на Велија Рамковски) и Петар Стојковиќ, студентски активист (барем така е наведено во програмата за оваа дебата).
Е сега зошто не биле викнати новинари на МТВ, Сител или Канал 5... Па мислам дека е повеќе од јасно. Две од овие три телевизии имаат газди кои се коалициски партнер на владата, а јавниот сервис е дефакто во Владина сопственост. Мислам дека релевантно се поставува прашањето дали новинари од овие медиуми би ја кажале „вистината“ за македонската слобода на медиумите.
Плус, иако медиумите не зборуваат за ова, мора да се напомене дека многу „про-владини“ новинари и експерти секојдневно учествуваат на Европски и Балкански семинари и јавни расправи. Од Жоро (главниот уредник на Дневник), кој често е меѓу присутните на дебатите за новинарството на Балканот, преку Латас и Талевска (кои присуствувале на дебати и за политика и за медиуми), преку Димитар Мирчев (експерт со владини ставови) кој е учесник во сите владини делегации каде се дебатира за Македонија во рамките на глобалната политика, преку Чашуле, кој исто така редовно присуствува на меѓународните тркалезни маси за теми поврзани со глобалната политика и слободата на изразувањето... Тука има уште десетици други лица кои се блиски до владата: Новинари и уредници на МИА, експертите од „Павел Шатев“, новинари и уредници на МТВ... кои редовно се присутни на дебати и конференции каде што ја претставуваат Македонија. Не сакам некој овде да се прави наивен дека само Борјан и Тања Милевска ја претставуваат Македонија, тоа е извештачено и изопачено претставување на реалноста.
Јас лично се почувствував засрамен од реакцијата на Мирка, Миленко и (WTF) Нонковиќ. Незнам, можеби тоа е домашно воспитување. Прво, лично никогаш не се појавувам ненајавен на „гости“ кај некого и второ, и кога би се појавил никогаш не би се обидел да ја узурпирам јавната дебата со некаква задна намера.
Миленко, Мирка и третиот дечко, имаа шанса да дебатираат и да ги образложат своите ставови и убедувања за македонското новинарство, тие за жал се решија на радикализам и скандалозност, за што Мирка сама призна веднаш по излегувањето од зградата на ЕП.
Оние кои ги бранат овие три „неканети“ евро-посетители, треба да се запрашаат дали некогаш во школо или факултет додека првите 20 минути професорот предава лекција им било дозволено тие да зборуваат ако не им е даден збор? И дали јавната дебата треба да изгледа како што сме навикнати да ја гледаме на нашите телевизии (кога секој секому влегува во збор и не го остава да доврши?).