...а сложни Турци големи фирми си градат
Забележително е дека бизнисмените во оваа земја честопати успеваат да просперираат со тоа што го здружуваат личниот капитал со бизнис-партнери, со намера заеднички да достигнат поголеми резултати
Седиштето на телевизијата СТВ
Огромниот број тезги на пазарите и на улиците, илјадници дуќани, стотици трговски центри, како и милиони луѓе што купуваат во Истанбул, можеби најдобро ја отсликуваат Турција, чии власти тврдат дека нивната земја во 2010 година остварила економски пораст од неверојатни 8,9 отсто. Три дена престој во градот на Босфорот се повеќе од доволни да се уверите дека во оваа земја навистина добро се живее и бројките не се случајност. Колегите новинари во телевизијата СТВ кажуваат дека плата од 1.500 евра заработува редовен известувач од турскиот парламент, додека репортерот што заминал во Либија да известува за безредијата месецов ќе земе многу повеќе пари. Наставник во основно училиште, со тригодишен стаж, има 900 евра плата, што веќе од наредната година треба да се зголеми во согласност со прописите. На прашањето во што е тајната на успехот, Турците кажуваат повеќе фактори.
Забележително е дека бизнисмените во оваа земја честопати успеваат да просперираат со тоа што го здружуваат личниот капитал со бизнис-партнери, со намера заеднички да достигнат поголеми резултати.
Турците вешто успеваат со децении да одржат здрав и нераскинлив партнерски однос со своите ортаци.
Голем е бројот на луѓе што со своите бизнис-партнери основаат фирма, а со текот на времето ја зајакнуваат заемната доверба и соработка, што резултира со гигантски развој. Приказна од типот „сложни браќа куќа градат“ се покажува и во примерот со приватната телевизија СТВ. Телевизијата во 1993 година ја основале дури 12 ортаци. Цели 18 години подоцна, дванаесеттемина сé уште се заедно, сега веќе како сопственици на огромна корпорација, „Саманјолу групација“, во чии рамки егзистираат разни продукции, новинска агенција, како и ТВ-станици во Азербејџан и во Америка. Слично е искуството и на Садик Садикоглу, роден во Тетово, кој 50 години живее во Истанбул. Тој е сопственик на „Космо хоум“, синџир на дуќани за козметика и парфимерии, а партнер во повеќе други бизниси. Со уште тројца луѓе заедно се сопственици на четирите приватни средни училишта „Јахја Кемал“ во Македонија. Партнерството е почнато во 1996 година со отворање на првото училиште и сé уште се одржува. И овие четворица бизнисмени грабаат напред - се гради и наскоро треба да профункционира петтото училиште во тетовското село Боговиње. Бизнисменот Садикоглу вели дека размислува на други партнери да им предложи отворање приватна болница во Македонија.
- Луѓето мора да се почитуваат, да градат доверба, за да можат да постигнат нешто повеќе. Сами како единки можеме да направиме многу, но уште повеќе се достигнува во животот доколку работиме заеднички со други луѓе. Потоа и Господ помага - објаснува Садикоглу.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=41511841222&id=9&setIzdanie=22258